Хит-серија „Неверојатно“: И малите промени прават промени

post-count icon
12.01.24

Криминалистичката серија „Неверојатно“ е објавена на „Нетфликс“ во 2019 година, но многумина немале можност да ја видат, а интересот за неа не стивнува. Оваа серија направена според вистински настани, а заснована на написот „Неверојатна приказна за силувањето“ на новинарите Т.Кристијан Милер и Кен Армстронг, доби одлични критики, многу номинации, а за само еден месец ја видоа 32 милиони гледачи. И не случајно, бидејќи станува збор за вечна тема и неверојатен пристап, за серија која отвора прашања, но сосема со право, и иницира филозофски дискусии

Пишува: Сунчица Уневска

Факт е дека постојаното гледање телевизиски криминалистички серии некако создаде чувство дека сите знаат сè. И самите серии нудат навистина многу податоци со цел да направат што поуверливи и поавтентични филмски дела, додека публиката ги впива со неверојатен интерес, затоа што на крајот на краиштата тоа е нешто што може да се однесува на било кого од нас. Поистоветувањето е неизбежно, а обидот да се биде во чекор со истрагите станува предизвик. Затоа и не е чудно што најголем дел од публиката, особено фановите на овие серии, имаат чувство дека знаат толку многу за процесот, па дури и дека можат работите да ги предвидат. Но, дали е така?

Серијата „Неверојатно“ од 2019 година како индиректно да ни дава одговор на сето тоа. Креаторите на серијата се сосема свесни за влијанието на телевизијата и за тоа колку е тешко да се направи било каква дистинкција. Тоа дури се споменува и во оваа мини-серија од осум епизоди, токму додека се води истрагата и додека се поставува прашањето за тоа како осомничениот, кој со години силува жени, успева да не остави ниту една трага. Тука е тој коментар за сеприсутноста на овие серии, кои нудат толку информации иако подоцна истрагата ќе отиде во друг правец, што неминовно ќе се наметне, дека осомничениот може да доаѓа и од редовите на полицијата со оглед на познавањето на форензичките докази, за кои дури постои и книга во полицијата насловена „Форензика за силувањето“.

Но, да се вратиме малку назад. Серијата навистина е неверојатна, каков што е и нејзиниот наслов, особено што во тоа море на податоци треба да најде агол да нѝ ја донесе оваа, инаку вистинска приказна, на начин кој ќе го задржи нашето внимание, но и ќе нѝ каже дека ништо не е така како што изгледа. А зошто тргнувам токму од тоа? Затоа што се наметнува, затоа што секој ќе помисли дека тоа е само уште една криминалистичка серија, само уште една „ексклузивна“ приказна за сериски силувач која се обидува да понуди нешто поразлично за да добие што поголема гледаност, дека тоа е само уште една серија какви што гледаме секојдневно, дека знаеме сè, дека сè се повторува и дека сигурно и нема којзнае што ново да понуди…

Но, извонредната екипа на сценаристи и режисери собрана околу овој проект, посебно Лиза Чолоденко и Мајкл Шабон, сепак, ќе направи нешто поинакво, но не тргнувајќи од доказите, туку тргнувајќи од човекот, тргнувајќи од човечките односи, од предрасудите, од формата која често не ви дава да излезете и да погледнете пошироко, трнувајќи од емпатијата за која постојано се зборува, а кога треба е толку ретка, од она загубено чувство на полицијата да ја земе во предвид жртвата (со целата нејзина ранливост и несигурност) и да тргне токму од нејзиниот агол. Особено кога станува збор за силувањето, што не е случај со другите видови криминал, што се потенцира и во самиот филм, како што се грабежи, убиства, насилства, дрога итн., не, кон силувањето односот е поинаков, што само уште еднаш потврдува дека со години било, а се чини и денеска во многу средини е табу тема.

Одличен избор е приказните кои се случуваат во две временски рамки (во 2008 и 2011) да се одвиваат паралелно. Од една страна е тинејџерката Мари Адлер (Кејтлин Дивер), која имала многу тежок живот што особено фрла поинаква светлина во една ваква ситуација, а од друга страна се двете детективки, Дувал (Мерит Вивер) и Расмусен (Тони Колет), кои се наоѓаат во различни држави, и кои со голема посветеност и жестокост се обидуваат да го решат овој случај.

Всушност, во приказната на Мари Адлер на исклучителен, но нималку тенденциозен начин извонредно се отсликуваат предрасудите, и тоа на сите, не само на полицијата и на оние кои и се старатели во рамките на проектот за социјална грижа на проблематичните деца, туку и на оние вдомители кај кои одреден период живеела. На што впрочем би можела младата Мари да се потпре, особено откако по силувањето, ќе го почувствува истото непријателство и притисок и во полицијата. Навидум, некои од пријателите и вдомителите се обидуваат да помогнат, но колку таа и таква помош може да помогне или одмогне, е прашање.

Паралелата е многу ефектна, како во поглед на самиот систем во САД, така и во поглед на предрасудите, во поглед на (не)разбирањето, во поглед на неправдите и небулозите со кои с(м)е опкружени. Така, не е чуден податокот до кој ќе дојдат и двете детективки, дека во полицијата 40 проценти од мажите биле обвинети за семејно насилство. Интересно е дека од тука тие и ќе тргнат во потрага по осомничениот силувач (мислејќи на неговото насилно минато), иако тие полицајци и понатаму си работат во полицијата и немаат никаков проблем, како што ќе се покаже, дури ни кога во едниот од нив ќе се посомневаат. Некако логично, следејќи ги доказите, ќе се наметне фактот дека може да се работи за човек од внатре, со оглед на тоа колку многу го познава процесот на истрагата односно форензичките докази. Тој зад себе остава совршено исчистени места, каде што не можат да најдат ниту една трага. Но, тука секако е и споменатата книга „Форензика за силувањето“, која ја има во секоја полициска станица…

Цело време двете детективки удираат во ѕидови, дали од системот, дали од некооперативноста, а што станува пак со Мари Адлер, која целосно е „закопана“ во тој систем. Затоа таа и ќе реши да се повлече, да рече дека лажела, само за да престане тоа лудило, иако крај на лудилото нема, бидејќи, како што ќе се покаже, откажувањето ќе повлече уште поголеми последици. А за да биде иронијата поголема против Мари ќе биде подигнато и обвинение за лажно пријавување и таа ќе заврши на суд.

Серијата е многу добро водена, со оглед на целата комплексност и невозможност да се најде излез од лавиринтот во кој е измешано сè. Па, сепак, таа ќе успее да го најде својот, ќе успее да си игра, ќе успее да донесе различни перспективи, па дури и да ги помири спротивностите, а сето тоа придружено со ненаметлива музичка подлога, со ефектна монтажа и уверлива глума. Сите разлики, сите контроверзии, сите убедувања и предубедувања за оваа тема се некако добро доловени без да се почувствува пренагласување. Очигледно дека се работи за добро дозирано сценарио, кое ја доловува целата атмосфера, но по обратен редослед, доловувајќи ја прво неа, а дури потоа сето она што ја одредува. Бидејќи, сè некако се надополнува во дадениот контекст, давајќи ни чувство на уверливост, реалност и автентичност.

Процесот на барање на осомничениот е многу тежок, затоа што доказите едноставно им се лизгаат од раце. И покрај описите на жртвите, тие не можат да направат ништо без доказ. А приказните на жртвите, иако се гледа дека се работи за истиот силувач, сепак имаат различни детали, потенцирајќи ја тука токму нивната фрагилност, за која ретко кој води сметка. Но, додека Дувал и Расмусен имаат поинаков пристап кон жртвите, полн со поддршка и емпатија, Мари беше соочена со вистински кошмар. Како, впрочем, да го прераскажете она што ви е толку болно, толку страшно и трауматично, особено некому кој нема никаква доверба, кој е полн со предрасуди, кој ниту се обидува ниту може да ја сфати големината на нанесената штета и нејзините последици.

Дури е и неверојатно појавувањето на овие две детективки, кои се обидуваат и во невозможни услови да направат промени, ако не со друго, барем со својата посветеност, решителност и мотивираност. Затоа што, не е доволно само да ја работите својата работа, барем не во ситуација кога од вас зависат човечки животи. Не е доволно само да ја донесете правдата, за што тие се совршено свесни, бидејќи на крајот на краиштата, тоа и  не е доволно за да го донесе мирот.

Застрашувачки се деталите за кои говорат жртвите, застрашувачка е целата таа ситуација, да ја држиш жртвата со часови и дури да ја тераш на разговор, застрашувачко е она низ што тие поминуваат, а уште позастрашувачко е што со тоа мора да живеат. Жртвите се оние кои се во фокусот на оваа серија и тоа е неверојатно, особено што во неа нема ни патетика, ни мелодрама, ни нагласување на последиците, ни манипулирање со емоциите, напротив, дозирањето е фантастично, особено во начинот на кој ја добиваме целата слика низ неволно раскажаните нови и нови детали од страна на жртвите, начин низ кој стануваме свесни за таа душевна состојба на немоќ. Па, сепак, од нивна страна нема ни осуда, ни очекување, бидејќи кому му е важно… Тие само се обидуваат да одат понатаму, да се изборат со своите демони, да го најдат во себе начинот на кој ќе функционираат, начинот што ќе им даде сила да продолжат.

Одличен е разговорот на Мари со психологот, што во рамките на судската одлука ќе мора да го посетува. По првичното игнорирање, поучена од искуството, таа на крајот сепак ќе сфати дека се работи за еден поинаков слушател и се чини дека ќе ги каже најточните работи за тоа колку луѓето се подготвени да прифатат или да осудат зависно од она што им одговара или од она што е „апсолутно коректно“. Серијата е така конципирана што не можете да останете емотивно достанцирани, баш затоа што таа тоа не го наметнува, па некако ве тера да се ангажирате, ве тера да посакувате и да очекувате конечно овие две детективки да дознаат за Мари и правдата да биде задоволена. Но, не, нема да биде така, а сепак правдата ќе биде задоволена. Извонреден е крајот и телефонскиот разговор на Мари Адлер со Дувал, кога ќе ѝ каже колку нивниот труд го променил нејзиниот живот и дека денеска е друг човек, дека денеска верува во подобар свет и во тоа дека таму некаде има луѓе на кои навистина им е важно.

„Неверојатно“ е неверојатна серија, со извонреден кастинг, со толку брилијантно вметнати детали, кои излегуваат од шемата и зборуваат за импактот, за она дали работите можат да се променат и за тоа колку можеме на еден успех навистина да се радуваме. Не, тој нема да ги промени работите, ниту луѓето, ниту предрасудите, но покажува дека има и поинаков пристап, дека има и поинаков сенс, дека има луѓе кои можат да разберат и дека емпатијата не е само празна флоскула. Барем не секогаш. Покажува, не дека можете да го победите системот, но дека можете да извлечете и нешто друго, дека можете да влијаете на проблемите со самото тоа што ќе ги донесете на површина, дека можете да ги мотивирате и другите кога знаете што барате и кога сте убедени дека со тоа, ако не донесете промени, барем донекаде ќе помогнете.

А овде секако се наметнува прашањето, дали работите ќе беа поинакви ако двете детективки не беа жени? Но, тие сепак нема да се занимаваат со тоа прашање, дури ни на крајот иако е очигледно. Не дека е погрешно, туку затоа што не треба така да биде. Нивната страственост и упорност беше извонредна, но само затоа што сакаа да ги прекинат злосторствата и да им донесат мир на жртвите. Затоа што знаеја дека тоа што им се случило на жртвите нема да исчезне никогаш, но не затоа што двете детективки беа жени, туку затоа што беа докрај професионални и си ја знаеја работата, а што е најбитно, тоа им беше важно. Важни им беа луѓето, нешто што малкумина од нас го очекуваат.

Важни им беа последиците, кои за жал, и покрај сè, не исчезнуваат, важно им беше тој хорор да престане, важни им беа чувството на немоќ и на безизлез на луѓето, особено кога се соочуваат со незаинтересираност и игнорирање. Но, ете, како што ќе рече Мари, сега има мотив да се разбуди наутро затоа што знае дека има и такви луѓе кои на светот, а особено на другите луѓе, гледаат поинаку и кои се борат да направат промени, макар минимални. А ако не денеска, не значи и никогаш. Впрочем, таквиот пристап дефинитивно може нешто да измени, ако не повеќе, барем кај самите нас.

Кон мини-серијата од осум епизоди „Неверојатно“, режија: Лиза Чолоденко, Мајкл Шабон, Ајелет Валдман, креатори: Сузана Грант, Шабон и Валдман, улоги: Кејтлин Дивер, Мерит Вивер, Тони Колет, Блејк Елис, Ерик Ланг, Елизабет Марвел, музика: Вил Бејтс, САД 2019