Фестивалот во чест на јубилејот ќе биде пренесуван во уште седум града, а на отворањето почесна „Златна мечка“ ќе добие Тилда Свинтон. Но, она што го карактеризира, е и поклопувањето со изборите кои годинава силно го разгоруваат огнот поради подемот на крајната десница, како на фестивалот, така и низ светот
Пишува: Сунчица Уневска
Берлинале веќе на самиот почеток на годинешното јубилејно 75. издание (од 13 до 23 февруари) ја најавува својата насока, жестоко и бескомпромисно да зборува за ситуацијата во Германија, која е на прагот на изборите што ги загрижуваат сите, со оглед на сè поголемото растење на крајната десница, но секако и за ситуацијата во светот која е подеднакво загрижувачка со сите жаришта и конфликти.
Впрочем, тоа е традицијата на Берлинале, секогаш да биде во центарот на случувањата, вклучувајќи ги и политичките, па во тој дух се чини дека не можеше да има подобар избор за отворањето од филмот „Светлина“ на еден од најзначајните германски режисери последниве децении, Том Тиквер. Неговиот филм, за кој самиот вели дека е „хардкор“ односно тврда политичка порака која се осврнува на времето во кое живееме и се обидува да постави прашања и да даде одговори за тоа – „зошто наеднаш се најдовме во оваа ситуација“.
„Светлина“ е постара сестра на „Трчај Лола, трчај“
„Светлина“ е приказна за едно дисфункционално семејство, кое всушност ќе го „спаси“ нивната домаќинка Фара, која доаѓа од Сирија. Оваа драма што е направена како калеидоскоп, Тиквер вели дека е „постара сестра“ на неговиот „револуционерен“ филм „Трчај Лола, трчај“, кој и му ја донесе светската слава. На прашањето на „Варајети“, зошто „Светлина“ по цела една деценија во текот на која работеше на хит-серијата „Вавилон Берлин“, Том Тиквер вели дека едвај чекал да се врати во денешно време, во оваа конфузија во која живееме и на која ѝ се многу потребни искуствата на големото платно.
„Мислам дека треба да се соочиме со овој метеж во кој живееме денес, со прашањата што ги избегнуваме и со судирите кои не ги решаваме. Главниот судир за мене, е тоа што сум режисер и што моите деца ме прашуваат: ‘Како се случи сето ова? Како дојдовме до овде?’ И самите се прашуваме, бидејќи бевме убедени дека правевме некои добри работи. Но, тие велат: ‘Што правевте во изминативе 20 години?’ И тогаш сфаќате колку сме пропуштиле. Се чувствувам непријатно, дури и мрачно, но во исто време чувствувам и повторно будење на храброста и силата. Сакам да ги здружам моите сили со генерацијата на нашите деца и да видиме дали можеме сите заедно да го вратиме бродот на правиот пат“, објаснува Тиквер.
А со оглед на тоа што изборите во Берлин почнуваат уште пред да заврши фестивалот, се чини дека оваа тема и овој разговор кои допрва ќе почнат и не можеа да дојдат во подобро време, бидејќи во овој „турбулентен“ период многу нешто се на коцка со подемот на крајната десничарска партија, Алтернатива за Германија (AfD), која заговара нови строги правила што би се однесувале на имиграцијата.
Деветнаесет филма во трка за „Златна мечка“
За неговиот филм новата директорка на фестивалот, Триша Татл, вели дека „магично ја фаќа суштината на нашиот модерен живот на екранот“. Но, дека успева да пронајде и убавина и радост во нашиот поделен свет. Инаку, Тиквер досега два пати го има отворано овој исклучително значаен фестивал, кој заедно со Кан и Венеција, ја сочинува „светата тројка“ – трите најголеми фестивали во светот, и тоа во 2002 со филмот „Рај“, на кој работеше со легендарниот Кшиштоф Кишлофски и во 2009 со политичкиот трилер, „Интернационал“. Но, тие не беа на германски јазик, така што „Светлина“ е, всушност, неговиот прв филм на германски што го отвора Берлинале.
Филмот на Тиквер не е во трка за наградите, имено, тој е во програмата „Берлинале спешл“. Оваа година во трка за престижните „мечки“ се 19 филма, чии продукции вклучуваат 26 земји. Но, некако се пола/пола, односно десет филма доаѓаат од европските земји, а другите девет од САД, Јужна Америка, Кина, Јужна Кореја и Палестина. Интересно е дека меѓу нив годинава има само едно деби и еден документарец, осум филма се потпишани од режисерки, а дури девет од авторите веќе биле на Берлинале и освојувале награди.
Така, на пример, тука е американскиот добро познат режисер, Ричард Линклејтер, кој веќе има две „Сребрени мечки“ и кои многумина го знаат по онаа трилогија, „Пред зајдисонце“, „Пред изгрејсонце“ итн. Овој пат, повторно во негов стил, доаѓа со „Сина месечина“, во кој играат Итан Хоук и Маргарет Квели, и кој во стварно време од сто минути успева да направи неверојатна ретроспектива на „еден миг“ од животот на легендарниот текстописец, Лоренц Харт.
Раду Жуде зборува за актуелниот морален релативизам
„Сигурна куќа“, пак, на Лајонел Баер од Швајцарија, се навраќа на историските студентски протести во 1968 година во Париз. Инспирацијата ја наоѓа во автобиографскиот роман на Кристоф Болтански, инаку внук на познатиот визуелен уметник, Кристијан Болтански, во кој додека светот гори неговото семејство се соочува со своето минато.
Големиот мексикански режисер, пак, Мишел Франко, кој има освојувано многу награди на големите фестивали и зад себе има повеќе култни филмови, како „Новиот поредок“, „По Луција“ или „April’s Daughter“, овој пат прави филм кој, исто така, на свој начин се соочува со имигрантите и предизвиците во нивните животи.
Во „Соништа“, во кој глуми и Џесика Честеин, еден млад мексикански балетан, кој сонува за светска слава и кој за малку ќе умре на патот од Мексико во САД, таму се соочува со тоа дека соништата не се доволни и дека ништо не е така како што изгледа, особено кога сте приморани да почнете од почеток.
Од Украина доаѓа Катерина Горностаи која во својот „Временски печат“ ќе се осврне на денешното секојдневие на различните страни во нејзината земја. Додека, познатиот романски автор, Раду Жуде во „Континентал ‘25“ се осврнува на однесувањето на судска извршителка, која ќе биде виновна за самоубиството на еден бездомник. Филмот, како што вели, му е посвета на „Европа ‘51“ на Роберто Роселини, со тоа што се осврнува на денешниот морален релативизам како одраз на современата болест, на која малку кој е имун.
Палестина веќе повикува на бојкот на Берлинале
Со други зборови, се чини дека филмовите и темите носат голем предизвик и ќе биде интересно да се биде дел од многуте дискусии и панели предвидени годинава, а во кои Берлинале ја гарантира и потенцира слободата на изразување. Во нивната објава стои: „Ги поздравуваме различните гледишта, дури и ако тоа создава напнатост или контроверзии“.
Поттикнати од минатогодишната резолуција поврзана со антисемитизмот, тие изјавија дека нема да има никаква толеранција кон спречување на темелните права на слободна уметност и говор, вклучувајќи го и покажувањето солидарност со Палестина.
Се очекува навистина многу интересен фестивал, на кој со два филма ќе биде одбележана и 80-годишнината од ослободување од Аушвиц, ќе бидат прикажани и некои филмови кои нè враќааат и на други турбулентни времиња и правци во филмот, како на пример „црниот југословенски бран“. Во рамките на програмата „Форум“ ќе може да се види и новиот филм на Желимир Жилник, кој во 1969 со неговото дело „Рани радови“ ја доби „Златната мечка“, што е насловен како „Реституција или сон и јаве на старата гарда“ односно „Слобода или варваризам“.
Оваа година Берлинале воведе и нова програма, „Перспективи“, во која ќе се натпреваруваат дебитантите, а во чест на 75-годишнината отворањето и филмот ќе бидат ексклузивно пренесувано во уште седум града во Германија.
А по повод годишнината на отворањето ќе биде доделена и почесната „Златна мечка“ на британската актерка Тилда Свинтон, која е долгогодишна соработничка на фестивалот. Веќе се знае дека главното жири го предводи американскиот режисер и продуцент, Тод Хеинс („Далеку од рајот“, „Керол“, „Велвет голдмајн“), а плакатот има посебен дизајн односно „блескава“ визуелна интерпретација на темата „време“. Како и да е, Берлинале ќе трае од 13 до 23 февруари, судирајќи се со изборите, па се очекува едно посебно издание по многу нешта.