„Убиј ги прво децата“ имаше добар прием во Сараево, што не значи дека е добар филм

post-count icon
08.27.24

Навистина мислам дека е доста. Мислам дека стварно треба да престанеме со таа навика – нашата публика за тоа како некој филм поминал на фестивал да ја известува самата екипа или Агенцијата за филм. Тоа не е во ред, и не е ново, тоа веќе стана пракса, па и медиумите се однесуваат како да е нормално, а не е. За тоа како некој филм поминал на фестивал треба да известуваат професионалци и тоа од лице место

Специјален известувач

Сунчица Уневска

Бев во Сараево и тоа за цело време на филмскиот фестивал (од 16 до 23 август). А тоа значи дека сè што барем за мене и за нашата земја беше битно, го видов. Не напишав веднаш сосем оправдано, поради сплет на лоши околности, поради скршена рака на мојот партнер и трчање по болници… Но, тоа не значи дека нема да напишам, впрочем тоа е моја обврска. Иако, морам да признаам дека после сè што прочитав дури и се прашував дали е во ред да пишувам спротивно од напишаното, дали е во ред нешто да негирам или некому да урнам соништа. Но, што е мојата работа, ако не да известувам од фестивал. Затоа и бев таму, а останав за цело време односно осум дена бидејќи бев во критичарското жири (што не е обичај, новинари и критичари обично имаат на располагање пет дена). Така имав можност, и покрај проблемите, да стигнам барем онаму каде што треба.

И, навистина мислам дека е доста. Мислам дека стварно треба да престанеме со таа навика, нашата публика за тоа како некој филм поминал на фестивал да ја известува самата екипа или Агенцијата за филм. Тоа не е во ред, и не е ново, тоа веќе стана пракса, па и медиумите се однесуваат како да е нормално, а не е. За тоа како некој филм поминал на фестивал треба да известуваат новинарите и критичарите кои се на лице место, а ако не се, има други списанија и колеги кои можат во тоа на најобјективен начин да помогнат. Не може во никој случај да биде репер мислењето на самиот автор и екипата, а уште помалку на членови на Агенцијата за филм или поддржувачи по било кој основ.

Да, дури дојдов до небулозна ситуација да се прашувам дали треба да напишам и дали е потребно, во целата оваа еуфорија која се создаде, да бидам објективна? И, како ќе се сфати тоа, дали како намерно, дали како „уништувач на забави“ или дежурен критичар, кој бара влакно во јајцето. Но, од друга страна, ако не напишам сосема е бесмислено моето присуство таму, па и директно учество. Бидејќи, што е мојата мисија, ако не да ги пренесам впечатоците, но онака објективно, како што ги видов и доживеав (факт е дека и објективноста е дискутабилна, но тоа е единственото кое, сепак, секаде се смета за репер).

Значи, решив да напишам. Се разбира, не рецензија. Рецензиите се пишуваат кога филмот игра во домашните киносали. Овде пишуваме само за впечатокот за филмот, за тоа како беше претставен и прифатен и за сè друго што е релевантно во поглед на неговото учество на фестивалот.

Морам да кажам дека ја разбирам оваа еуфорија. Со оглед на тоа каде сме доведени како земја и на кое ниво ни е филмската уметност, тоа и не е чудно. Иако место баш за еуфорија и нема. Прво, тргнувајќи од тоа во која програма бевме сместени и како бевме третирани, што мене лично не ми се допадна и мислам дека не беше баш фер. Зошто? Прво, затоа што оваа програма наречена „Open Air“ се претставува многу поинаку од она што го пласира. Се вели дека во рамките на програмата се нуди незаборавно искуство со избор од водечките арт, европски и меѓународни играни филмови. Што е сосем неточно, бидејќи во оваа ревијална програма беше натрпано сè и сешто, така што воопшто и немавте претстава кој бил критериумот за тој избор.

Така, тука беа некои култни филмови на неколку од годинешните добитници на „Срцето на Сараево“, како „Бартон Финк“ поради Џон Туртуро, „Имате пошта“ поради Мег Рајан или „Sideways“ поради Александар Пејн. Потоа тука беше филмот на Данис Тановиќ, доста просечниот „По летото“ кој го отвори фестивалот, но исто така уште многу други домашни филмови, кои влегуваа и во посебната програма на босански остварувања, па на тој начин и имаа многу повеќе проекции, за разлика од нашиот филм, кој имаше само една проекција. Потоа, во оваа програма, имаше и неколку музички филмови, како „Грендпа Гуру“ за бендот Kultur Shock, па филмот „Прасловaн“ за Зоран Предин и бендот Лачни Франц, па „Лимениот оркестар“, една драма за диригент кој патува низ светот и случајно открива дека има помлад брат кој свори на тромбон итн., итн.

Некои филмови од оваа програма имаа навистина многу проекции, како „GYM“ на Срѓан Вулетиќ, кој беше и еден од најбараните, но би рекла, со право. Сепак, ми беше криво што овој филм се прикажуваше, меѓудругото, и истата ноќ со нашиот филм, но поради врнежливото време веднаш беше преместен на затворено, додека нашиот филм остана надвор и голема среќа имавме што дождот не беше толку многу силен, па можеше да се одгледа до крај. Навистина, на моменти вадевме чадори, а оние што немаа се туткаа под стреа, но останаа до крај.

Што веќе ме води до тоа како филмот беше примен. Да, нашиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец беше навистина добро примен, публиката се смееше, дури и навиваа, како две момчиња пред мене кој толку очигледно се радуваа кога должникот ќе го зафркнеше лихварот, гласно коментираа, и како што реков, и покрај дождот останаа докрај. Но, факт е дека локацијата „Стари град“ каде што овој филм се прикажуваше има капацитет од 250 седишта, и да, навистина беше полно, но не можеме за илјадници гледачи да зборуваме. Верувам дека ако филмот имаше повеќе проекции тогаш ќе беше можно да стигнеме до илјадници гледачи. А што се однесува до самото место, тоа навистина беше бајковито, затоа што во позадината, односно зад филмското платно светеа светлата на преубавата зграда на сараевското собрание и даваше една посебна атмосфера.

Но, да кажеме збор-два за филмот, бидејќи реков дека рецензија нема сега да правам. Имено, филмот го сакаше публиката, тој е забавен, откачен, добро и логично ја води приказната во која некои млади деца сосема невино ќе се најдат во криминално дувло, не знаејќи воопшто што се случува, додека не дознаат дека, покрај видеото на телефонот до кое случајно ќе дојдат, мета е и нивниот другар, на кого секако ќе се обидат да му помогнат. Има тука и трговија со бело робје, има и лихвари, има и дрога, има и тајни служби, има и таква визуелност која само ја зголемува иронијата, а има и посвета на некои сцени од познати акциски филмови, особено на Тарантино и на Гај Ричи, и сето тоа во својата откаченост функционира. Го навлекува гледачот, како и секогаш, да навива за послабите, и да сака на крајот тие да се извадат од цела таа ситуација, уживајќи притоа во доста неконтролирани и неочекувани решенија.

Меѓутоа, за жал, тоа не го прави добар филм. Повеќе би рекла дека спаѓа во оние комерцијални филмови, кои се правени буквално за забава на публиката, но без никаква друга вредност, драмска или било каква. Ако направам споредба со филмот на Вулетиќ, „GYM“, кој исто така има опфатено доста од актуелното живеење во Босна и воопшто на овие простори, сепак, во него има и поинаква подлога. Тоа е филм кој исто така е доста откачен, па сепак, зборува за исклучително сериозни теми, како третманот кон жената односно сè поактуелниот и поприсутен фемицид, но исто така и за загубените критериуми и граници кога станува збор за употребата на оружјето, како и односот кон луѓето, не сфаќајќи дека дури и кога сакаат да им помогнат, ги навредуваат и понижуваат. Имено, дотолку стануваат заслепени новокомпонираните богаташи од парите и моќта која некои позиции им ја даваат, па мислат дека сè им е дозволено. Филмот има голема тежина и фантастични теми. Тоа е филм кој поставува многу прашања и наметнува дискусии.

Но, не и кога станува збор за нашиот филм. Тој останува на комерцијалното ниво, тој останува на ниво на забава, на откаченост, на игра, на зафрканции, и да, забавен е, но по завршувањето во истиот миг се заборава. Токму тоа ќе го нагласи и едниот член на жирито годинава, Себастијан Каваца, познатиот словенечки актер. Не дека е тоа нешто ново, но факт е дека е многу важно и кажува многу за филмот. Кога го прашаа што ќе биде вашиот приоритет во оценувањето и на кој начин ќе одлучувате за филмовите, првото што го рече беше токму тоа: „Зависи колку филмот ќе ме замисли после тоа и колку долго ќе го носам со себе“. Ако филмот го заборавите во истиот миг кога ќе заврши, тоа веќе кажува дека зборуваме за забава, која нема некои позначајни вредности, која не успева да долови теми и таа актуелност да ја смести во некаков контекст.

Многу ми е криво што македонскиот филм и понатаму, главно, останува на истата линија и не успева, освен инцидентно, да излезе од тие граници. Граници наметнати и останати од нашето тридецениско школување, кое за жал не се промени цели 30 години, граници кои веќе нашите автори ги сметаат за нормални и се обидуваат во нив нешто да направат. Би рекла, нормално безуспешно, затоа што кај нас фали базата. Е сега, Оровчанец има учено надвор, но тука работи веќе долго време и тоа е она милје кое ја отсликува и карактеризира нашата кинематографија. Секако, како што реков, има исклучоци, но тоа не може да го промени текот на нашата кинематографија. Одамна пишувам дека и треба целосен ремонт, но некои луѓе беа и се посилни, а резултатите надвор од нашата земја се толкуваат онака како што на многумина им одговара. Но, не е така. Македонскиот филм е далеку од сликата која што се создава на фејсбук и, воопшто, на социјалните мрежи. Но, тоа е разговор и дискусија за друго место и бара многу време.

Како и да е. Добро беше секако што се претставивме во Сараево. Но, тоа не е она кое го посакуваме и очекуваме. Секоја чест на младите и на авторите за упорноста и борбата. Нека продолжат, па се надевам вистинските резултати и ниво на развој кога тогаш ќе дојдат.    

„Убиј ги прво децата“, режија: Димитар Оровчанец, сценарио: Димитар Оровчанец и Алек Русјаков, улоги: Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски, Стефан Спасов, Александар Ѓоргиески, Адријан Азири, монтажа: Софија Самоиловска, фотографија: Владимир Самоиловски, музика: Дарко Спасовски и Игор Василев – Новоградска, Македонија 2024