Рецензија: Ритамот на животот секогаш ја следи смртта и обратно

post-count icon
02.07.25

Кон: „Емилија Перез“, режија: Жак Одијар, сценарио: Жак Одијар и Томас Бидежан, улоги: Зое Салдана, Карла Софија Гаскоњ, Селена Гомез, Адријана Паз, Едгар Рамирез, Марк Иванир, фотографија: Пол Гијом, музика: Камил Клемен Дукол, монтажа: Џулиет Велфинг, Франција/Мексико/Белгија 2024

Пишува: Сунчица Уневска

„Емилија Перез“ ја има честа да биде само четвртиот филм во историјата на оскарите кој понесе 13 номинации за наградата „Оскар“. Интересно е дека критиката е доста поделена, па сепак, би рекла дека овој француско-мексикански мјузикл тоа дефинитивно го заслужува. Одамна не сум видела поинвентивен филм, толку оригинален и особен, толку свеж и промислен, заокружен во секој сегмент, доследен во својот ритам, целосно така компактно замислен и изведен, што едноставно одушевува. А уште понеобично е ако се знае дека неговиот режисер, Жак Одијар, има над 70 години, во смисла на неговата инвентивност и дух, иако од друга страна, за еден ваков потфат секако е потребно и многу значајно неговото искуство, и тоа често во различни жанрови. Така што, овој филм, или да речеме оваа филмска оперета (бидејќи улогите се изведуваат со пеење и говорење), ова дело замислено како либрето и поделено на чинови, а кое сепак не е класичен мјузикл, е навистина нешто поинакво. Направено совршено од почеток до крај со неверојатна фантазија, фасцинација и радост кои се видливи и покрај сето она што оваа напати филмска музичка мелодрама во себе го опфаќа, од криминал до благородност, од убивање до давање живот, од уништување до спасување, од радост до трагичност, од љубов до одбивност, во него има сè, но со мерка и граница кои не му даваат во ниеден момент да се претвори во своја спротивност.

Веќе на самиот почеток, кога го запознаваме едниот од трите главни женски ликови, адвокатката Рита Ора, Одијар покажува толку неверојатна умешност и енергија, опишувајќи го ликот, прикажувајќи ја целата контрадикторност на ситуацијата и на „општеството кое крвари“, доловувајќи го нејзиниот немир без никаква неприродност или мелодраматичност.

А сето тоа секако му го дава токму изборот на мјузикл, бидејќи низ тие интересно замислени точки, кои се одвиваат истовремено на сцената, но и во животот, може лесно без трагизам и без претерано навлегување во описите или карактерите да ја долови замислената идеја. Рита е несреќна поради стапицата во која се наоѓа, барајќи излез кој во едно такво коруптивно општество е невозможен, за наеднаш да се отвори нова страница, секако невозможна и незамислива, но толку перфектно добро сместена во таа оперета, каде што е возможно сè, па дури и без да се заборави стварноста и нејзината постојана закана, додека демне од секој агол. Во тоа и е интересното, тој ризик што го носи шармот и секогаш оди по работ, ризик кој гравитира меѓу стварноста и фантазијата што се едноставно можни само тогаш кога сето тоа во суштина е невозможно.

Затоа и изборот на филмска опера е фантастичен. А како што вели самиот Одијар, таа се наметнала веќе со самата идеја, бидејќи и не постои друг начин за неа да ја доловите толку живо, толку вистинито, а сепак толку нереално.

Емилија Перез е всушност ликот околу кој се врти сè, ликот кој доживува таква трансфорамција, која како и филмот е сосем нереална, но, шармантна, привлечна и интригантна. А тоа во себе веќе го има самата трансродна актерка Карла Софија Гаскоњ, совршена за оваа улога во секој поглед, иако многу повеќе како жена, отколку како маж. Можеби токму затоа и Манитас, страшниот водач на картелот, изгледа толку одбивно, толку невозможно, па дури и нестварно. Тој и не е тука за ништо друго, освен за да ја видиме таа трансформација која се случува во психата, во душата, во фантазијата, на едно друго ниво кое говори за промената на визијата, а не на телото. Затоа и таа песна која ја рецитираат докторот и Рита, песна за промената на телото кое ја менува душата, за душата која го менува општеството, за општеството кое менува сè… Додека навидум сето тоа делува како еден вид загатка, како мистерија и тајна, која е лична колку и општествена, чија промена има сила да ги смени хоризонтите.

Навистина неверојатно Одијар ја следи целата оваа толку нестварна и толку невозможна приказна, но возможна како опера, како музичка мелодрама која ги покажува слабостите, исто колку и силината, тогаш кога во нешто сакаме да веруваме. Играта го овозможува тоа на толку инспиративен и оригинален начин, кој умее да нè поведе од една до друга сцена со таква леснотија, а во неа да покаже такви спротивности, такви неправди, такви стихови, критика и иронија кои се стопуваат во едно.

Како можете на добротворен бал, на кој пари треба да дадат токму тие кои безмилосно ги крадат, токму тие за кои човечкиот живот не вреди ништо, да ја покажете целата бесмисленост на тој „хуман чин“, на благородната идеја и желба да се помогне, освен низ извонредната точка на Рита додека зборува за црнилата со кои сме опкружени, за суровоста, за нехуманоста, за луѓето кои се богатат од туѓото страдање, а сето тоа одушевува со својата визуелна беспрекорност и нејзината енергична и срчена изведба.

Филмот оди од крајности во крајности што е и сосем разбирливо, додека реките луѓе ги бараат своите блиски, додека се обидуваат да си простат на себе, додека се обидуваат да разберат, да се ослободат од товарот низ фантастичната сцена кога на црна подлога се редат безимените ликови, чиј број е толку голем што се претвораат во невидливи далечни контури… Додека се обидуваат да најдат одговори, да сфатат, да прекине таа агонија за да можат конечно да се ослободат, да го најдат мирот кој во целата оваа иронија, треба да им го донесе токму оној што им го одзема.

А зошто женски ликови, ќе се запрашате, веројатно затоа што и тоа е нешто што во целата оваа констелација се наметнува само од себе. Не, нема тоа никаков Алмодоваровски допир, Одијар не ги опишува на тој начин женските ликови, напротив, неговата опера е за човечките состојби, за злото и за доброто, за она што ве тера да бидете поинакви, и за она што ве мачи додека го правите она што верувате дека морате. Неговата приказна не е за Мексико на тој начин или низ неговите карактери, тоа е приказна за општеството кое е болно и за луѓето кои од него бараат излез. За оние кои бараат слобода, за оние кои сакаат повторно да веруваат во љубовта, да веруваат дека можат нешто да поправат или да се остварат, да веруваат дека оловото може да се претвори во злато, дека алчноста не е посилна од доблеста, дека новите видици се возможни, дека е можно да има почеток и крај, па дури и кога тоа е посилно од нас.

Понекогаш животот сам ги пронаоѓа оние скриени извиени патишта, кои се навидум погрешни, но можат да нè одведат до целта. Навистина е тешко да се верува во тоа, особено кога ви се чини дека сè околу вас е затруено од неправда, од неморалност, од нехуманост, од себичност, од недостојност. Но, оперската приказна така невидливо ги брише границите, па дури и кога ништо наоколу не е исчезнато, нејзината сила е да ја направи визијата возможна, да ја направи посакуваната замисла присутна и жестока во својата борба против амбисот над кој толку време страда општеството.

Имено, не се тоа лесни теми, не ја зема Одијар оперетата за да направи игрив мјузикл во чии точки ќе уживаме. Не, неговите точки болат, тие се подеднакво вознесувачки, колку и траорни, тие се сурови, но и милосрдни додека обвинуваат со целата своја сила, онаа сила која во суштина е невозможна. Дали навистина се можни промените како таа на Манитас кој ќе се претвори во заводливата Емилија Перез, дали се можни, а без да завршат трагично. Не, операта во себе секогаш го има и трагизмот, бидејќи колку што ги воспева возвишените чувства, толку мора да говори и за неморалните, ниски страсти, за сето она кое го предизвикува, но и овозможува и она другото, бидејќи едно без друго и не се возможни.

Секако, Одијар зборува и за слабостите и за доблестите, за очекуваното и неочекуваното, кое така „лесно“ си поигрува со границите. Граници кои делуваат силно или порозно, но кои секогаш непогрешливо зборуваат за карактерите, за луѓето, за општеството, за доброто и за лошото, за остварливото и неостварливото. Одијар успева да го задржи својот ритам и волшебно замислените сцени до самиот крај, иако сопругата на Манитас односно Селена Гомез е доста слаба точка, за разлика од Зое Салдана и Карла Софија Гаскоњ кои го носат целиот филм.

Ова е филмска опера која и не е класичен мјузикл, но музичките и кореографски точки се изведени со таква фасцинатност, која остава без здив. Едноставно ритамот кој ги следи чекорите, настаните, па дури и ѕвечењето на оружјето не исчезнува во ниеден момент, тој е нераскинлив дел од приказните, бидејќи и не можат одделно. Колку што е приказната невозможна, таква е и операта и обратно, тие се возможни, но тогаш кога им верувате и кога со целото свое битие умеете тој нестварен ритам да го почувствувате.

Филм кој не се заборава, кој крие многу пораки, што токму оперетата ги прави можни, иако тие можни и се, но само кога констелацијата на небото и на ѕвездите ќе се намести токму онаму каде што ќе залута човечкото око, барајќи го излезот или замрсеното совршенство. Кое тоа, во суштина, никогаш и не е.