Рецензија: Приказната за љубовта и за заминувањето секогаш е актуелна

post-count icon
10.05.24

Кон краткиот филм „Мала шега“, режија и сценарио: Трифун Ситниковски, улоги: Јана Никодиновска, Марко Илиевски, Јована Гаврилоска, Благица Трпковска, фотографија: Сергеј Сарчевски, монтажа: Гоце Кралевски, музика: Мартина Силјановска, сценографија: Петкова Александра, Македонија/Хрватска 2024

Пишува: Сунчица Уневска

„Мала шега“, краткометражниот македонски филм на Трифун Ситниковски, изненадува со својата едноставност, но истовремено и умешност на авторот да го смести во актуелниот општествен момент, а сепак да направи една симпатична универзална приказна. Тоа е светот на тинејџерите, оној свет кој секогаш е вибрантен, секогаш полн со предизвици, но и со дилеми и очекувања, свет кој нè исправа пред прашањето – што понатаму? Има во него многу нејаснотии, но и голема нетрпеливост за да се дефинираат работите, голема желба за искреност и вистинитост иако всушност сè е лелеаво, сè е разбранувано и непрецизно, бидејќи и самите не сме сигурни во себе, а уште помалку во одговорите. Можеби, токму затоа понекогаш во тие години и инсистираме на нив, упорно барајќи се себеси и барајќи го патот по кој ќе продолжиме да чекориме.

Со други зборови, би рекла дека Ситниковски прави многу добар потег што оваа позната кратка приказна на Чехов ја сместува токму во тие години, но земајќи ја во предвид и важноста на оној многу актуелен миг кој сè повеќе им се наметнува на младите, дали да заминат или да останат. Некако, тоа ја прави приказната толку блиска, толку реална, толку вистинита, и толку емотивно препознатлива, без оглед на која возраст е гледачот. Бидејќи, тие тинејџерски дилеми се нешто низ што поминале сите, но времето и условите во кои живееме му даваат уште поголемо значење, уште поголема провокација, па дури и чувство на задолжителност во одлуката, тука и сега, што е уште потешко и покомпликувано.

Затоа, веројатно, и ова е филм што може да допре секого, без оглед дали се наоѓа во земја како што е нашата, во која станува навистина секојдневност прашањето за заминување, но и во било која друга, бидејќи дилемите на тинејџерите секогаш се актуелни и секогаш подеднакво збунувачки, каде и да се наоѓате. Згора на тоа, ова е една мала и слатка љубовна приказна, која во суштина и не е тоа, туку повеќе посакување, копнеж и потреба за сопственото пронаоѓање. Интересна е таа игра и во приказната на Чехов, која навидум е невина, но во стварноста крие многу повеќе.

Крие нешто недоречено, нешто нејасно и несигурно, некои неискажани емоции, потиснати некаде длабоко во нас, крие некоја потреба за траење на мигот што носи во себе суштественост, иако сето тоа е и ќе остане само потисната желба…

Но, Ситниковски се одлучува за поинаков исход. Така што, кога се работи за девојката, пристапот е многу ефектен, но кога се работи за момчето работите, со тоа што ќе бидат изречени, веќе добиваат друг правец. Тука се менува психолошкиот момент, кој се однесува и на двата лика, што може да се сфати како соочување и созревање, особено кај Надја (Јана Никодиновска), додека кај Иван (Марко Илиевски) се наметнува двосмисленоста. И тоа донекаде е штета, затоа што недефинираноста даваше можности за поинакви психолошки значења, дилеми, па и одлуки, а вака, таа извонредна идеја, која крие комплексни психолошки профили, малку се разводнува. Па, сепак, тоа во целина не му пречи на филмот. Тоа е симпатичен краток филм, универзален, убаво снимен, со добро употребени бои и сенки, со ефектна фотографија, звук и монтажа, и целосно со една лелеава приказна и течение, која не може да ве остави рамнодушни.

Не е лесно да се долови Чехов, а особено кога немате големо искуство. Но, Трифун Ситниковски ќе покаже умешност и знаење, ќе покаже зрелост како автор. Така што, оваа приказна за љубовта и за созревањето ја прави впечатлива, игрива и предизвикувачка за секој од нас. Прашањата секако се наметнуваат, а тоа е и целта, бидејќи барањето себеси и дилемите со кои се соочуваме се нешто што е дел од секого, а особено тогаш кога ќе се наметне една навидум невина психолошка игра, која само ќе го засили чувството на несигурност и барање одговори. Чувство кое, впрочем, и никогаш не изминува.