Кон „Врати ја“ (Bring Her Back), режија: Дени и Мајкл Филипу, сценарио: Дени Филипу и Бил Хицман, улоги: Били Барат, Сора Вонг, Сели Хокинс, Џона Врен Филипс, фотографија: Арон Меклиски, музика: Корнел Вилчек, Австралија 2025
Пишува: Сунчица Уневска
Новиот австралиски хорор-филм „Врати ја“, кој беше пуштен во дистрибуција при крајот на мај и почетокот на јуни, а веќе пристигна во нашите кина, многумина веднаш го прогласија за филм на годината. Оценките за овој филм на Дени и Мајкл Филипу, кој се нарекува натприроден психолошки хорор, со што тешко би можела да се согласам, се исклучително високи, не се штедат зборови за неговата инвентивност, шокантност, пресврти, а особено за неговото сценарио (Дени Филипу и Бил Хицман).
Дури и самата Сели Хокинс, британската актерка особено позната по оскаровецот „Обликот на водата“, која веројатно и го подигнува нивото на овој филм, изјавува дека за неа не бил битен жанрот, туку како е раскажана приказната.
Затоа се решив и побрзав да го видам филмот, иако искрено, воопшто, не сум љубител на хорори, особено не на оние банализирани хорори, кои претендираат да бидат телесни или натприродни, вакви или онакви, а главно прикажуваат само што пострашни и пошокантни сцени со ништо неиздржани. За разлика од нив, филмовите како „Прстен“ или „Другите“, кои се навистина психолошки и натприродни хорори, меѓудругото што го содржат во себе, всушност не ги ни сметам за класични хорори, бидејќи се поинакви, во случајов водени како трилери, водени со таква ингениозност, интелигенција и умешност, што и покрај сè, првенствено ги доживуваме како драми без оглед на хорор-елементите. Нивната оригиналност и новина во овој жанр е несомнена и дури ми се чини дека и најстрашните (односно најбанални хорор-слики) во нив, не би можеле да го сменат тој впечаток.
Факт е дека целта на хоророт е стравот, но тоа често погрешно се сфаќа. Според мене успешен хорор треба да биде филм кој предизвикува страв и ужас и кога тоа не го гледате, кога сте престрашени од напнатоста и од исчекувањето, хоророт треба да умее така да ви влезе во главата, да ја чувствувате морничавоста и вознемиреноста од исходот што следи. Имаше Хичкок извонредни хорори, кои никогаш не биле „типични“ хорори, а и денес се во врвот на класиците, и „Ајкула“ е хорор кој има застрашувачки сцени, во него уште позастрашувачко е навестувањето, исчекувањето, но ниту еден од нив не би можела да го споредам со овој филм на браќата Филипу, ниту пак да сфатам од каде и за што толку високи оценки.
Или е сменето времето или се тотално сменети очекувањата на публиката или веќе денеска сосема ги заборавивме границите кога се работи за филмскиот жанр, но и кога се работи за вкусови и перцепции. Особено кога станува збор за оние филмови кои се наоѓаат на границата меѓу доброто и злото, меѓу психолошкиот трилер и хорор, меѓу истражувањето и банализирањето на злото, меѓу манипулирањето и оние хорори што се базираат на т.н. верски или народни уверувања, а чија цел е да нè уплашат или да нè натераат да се соочиме со длабоките стравови. Затоа, кога говориме за новиот хорор, кој предизвикува лавина пофалби, не би можело ништо друго да се заклучи, освен (употребувајќи ја онаа позната фраза) дека ни хоророт веќе не е тоа што беше.
Би рекла, хоророт, повеќе психолошкиот хорор или барем она што води до него, а така и го разбирам, вообичаено е последица на некаков ужас предизвикан од пореметување на психата која соочена со страшни загуби или состојби, не можејќи да издржи, прибегнува кон барање „излез“, барање, макар и по секоја цена, да се врати состојбата која може да го донесе мирот и да нѝ даде утеха. Бидејќи, дури и најбаналните хорори треба да имаат некаква смисла, треба да имаат некоја приказна, која ќе ве натера да ги гледате, предизвикувајќи одредени чувства кај гледачите.
Да, приказна има и во „Врати ја“ на браќата Филипу, но многу далеку од очекуваното, бидејќи ова е толку банален хорор, наивен и површен, кој во себе нема ама баш ништо поинакво, никаков предизвик кој би ве натерал на исчекување, сè е предвидливо (да не речам шематизирано), извесно и јасно од самиот почеток. Дури авторите си мислат дека ако ги употребат познатите шаблони, толку пати користени, тоа е доволно… Затоа и навистина не можам да се начудам на овие оценки, освен ако изненадувањето го гледаат во идејата на мајката за тоа на кој начин би можела да ја врати својата ќерка, што во себе баш и нема некоја мистерија и покрај морбидните верски обреди или народни обичаи (прикажани на некоја стара руска ВХС касета). Бидејќи не е добволно нив да ги видите, приказната тоа треба да го долови.
Но, тука нема ништо што би нè натерало приказната на некаков начин да ја доживееме, нема ништо што би ги направило стравот и напнатоста живи или опипливи напротив, повеќе е банализирано наликувајќи на стотина хорори кои толку многу (без никаков повод и причина се продуцираат), тотално неубедливо и бесмислено што е повеќе смешно отколку страшно. Се разбира, не смешно за да ве насмее со некоја апсурдност или некакво намерно поигрување со границите, туку многу повеќе поради тоа прибегнување кон бесмислени шеми во незнаењето што да се направи и како да се долови стравот, или да се создаде некаков свој печат.
Филмот уште на самиот почеток ги покажува тие некои древни религиски ритуали, што можеби ќе беше многу поефектно ако го видевме на крајот, со што само ја одзема онаа напнатост и барање одговори што еден ваков филм би требало да ги понуди. Тие стари слики и убивање заради оживување повеќе личат на некаков култ отколку на застрашувачки настани и верувања што би имале било какво значење и во кои некој би можел да побара утеха и денес. Да, навистина се морничави и во еден миг и нејасни, сè додека не го видите обидот за нивна примена, кој би требало овој хорор да го направи натприроден, а на приказната да ѝ ја донесе онаа психолошка страна што треба да вознемири и да направи да сочувствуваме. Но, во површноста и незрелоста за едно вакво дело, се случува баш обратното.
Целата приказна околу братот и сестрата и поранешната социјална работничка е толку упростена, толку безживотна, толку предвидлива, што нема ама баш никаква провокација. Нема во неа никаква психолошка игра или залуденост, иако тоа им е целта на авторите, нема ништо што би ве извадило од памет (и покрај канибалистичките сцени), нема ситуации кои би ве вознемириле и би ве натерале да стрепите за нивната судбина и за настаните што следат… Без оглед што браќата Филипу се обидуваат да изненадат, особено со судбината на детето дојдено пред нив во таа куќа, без оглед што се обидуваат нешто да навестат, кое е толку промашено, толку невешто и без никаков ефект, што на моменти, особено кога ќе дојде одговорната социјална работничка да го истражи тоа на што братот се жали, стануваат трагикомични.
Браќата Филипу во интервју прашани за претходниот филм „Зборувај со мене“ (кој беше далеку подобар, поинвентивен и поинтересен и навести појава на нови автори…), изјавија дека сакале овој филм да биде пошокантен. Не знам точно што подразбираат под тоа, но веројатно би требало да го редефинираат поимот шокантно. Првенствено, прашањето би било – шокантно за кого, за нив или за нас. Како филмски режисери, па и сценаристи би требало да знаат дека не е доволно да имате „шокантна идеја“, важно е да знаете како таа идеја да ја донесете. А овде, сето тоа е направено толку аматерски, буквално на секое ниво, и психолошко, и визуелно, и наративно…
Треба да знаат, особено филмаџии кои претендираат да прават хорори, дека тоа не е воопшто едноставно како што изгледа можеби за оваа генерација која порасна на бесмислени хорори, кои немаат ништо заедничко со хорорите што овој жанр го создадоа и го дефинираа. Хорорите во најголем број, барем она што младите сè повеќе сакаат да го гледаат, се сведени на што пострашни и пошокантни слики, кои за жал без контекст или со толку површен контекст, како во овој филм, делуваат многу повеќе смешно отколку страшно. Зачудувачко е и учеството и коментарите на Сели Хокинс, која очигледно верува и се поистоветува со оваа, во суштина болна семејна приказна, но факт е дека ни тоа не е доволно.
Ниту трагедијата, ниту болката, ниту барањето смисла се доволни, хоророт во суштина се наоѓа во самите нас, во онаа сила и онаа извртена психологија на која реалноста и е претешка за да може да се прилагоди. Бегството во морничавото никогаш и не е свесно, затоа и е уште пострашно, бидејќи колку и да изгледа ужасно тоа доаѓа од слабост, а не од сила. Како и да е, ова е филм кој можеби и треба да се погледне, ако за ништо друго, барем за она редефинирање за кое се чини потребата станува се поголема.