Кон: „Супстанца“, режија и сценарио: Корали Фарже, улоги: Деми Мур, Маргарет Квели, Денис Квејд, фотографија: Бенџамин Крачун, музика: Раферти, САД/Велика Британија/Франција 2024
Пишува: Сунчица Уневска
„Супстанца“ е преценет филм. Еден од оние чие време многу брзо ќе помине, бидејќи, и покрај стилот и дизајнот, во суштина не доловува ништо. Овој хорор или поточно телесен-хорор (како негов поджанр, што критичарите особено сакаат да го нагласуваат) е филм кој игра на некои ранливи состојби искористувајќи ги нашите очекувања, претпоставки и предрасуди, притоа однесувајќи се како да е тоа нешто веќе дадено и само треба да отиде во што поголеми екстреми за да ја предизвика нашата (реакција) згрозеност.
И така и е, публиката, а особено критиката, се фати на мамката и речиси го прогласи „Супстанца“ за филм на годината, за нешто што не е видено досега (во рамките на таа, инаку доста обработувана тема) и за нешто, што и покрај бесмислените претерувања, сепак, ги добива сите признанија како филм кој на „храбар“ начин се осврнува на непожелното стареење со кое постојано се принудени да се соочуваат средовечните актерки и кое од нив, диктирајќи ги трендовите, создава или може да создаде вистински чудовишта. Неверојатно е што сè човек може да оправда кога ќе ја разгорите неговата фантазија.
Со други зборови, до каде може да оди човечката зависност, и онаа на авторот, и онаа на протагонистот, но и онаа на гледачите. Зависноста е нешто што во сите свои форми го скокотка нашиот интерес, затоа што е многу лесно на нешто што носи такво искушение да се навлечете, а уште е потешко од сето тоа да се откажете. И тоа никому не му е непознато, тоа е слабост својствена на сите, која знае често така незабележливо да се вовлече под кожа и лесно, дури и неприметно да стане дел од нечие секојдневие, чие постоење, како и дрогата, го негирате сè додека не го земе својот замав. А тогаш е веќе доцна. Затоа и ваквите приказни (иако овде приказна баш и нема), на која што алудира авторката на филмот, Корали Фарже, можат лесно да стигнат до гледачот, бидејќи тоа се состојби кои не ни се непознати и од кои, некаде длабоко, сите помалку стравуваме дали за себе или за своите блиски. Затоа и не е чудно одушевувањето на широкиот аудиториум со овој филм, кој можеби не нуди можност за директно препознавање, но секако ја буди фантазијата за оние т.н. модерни зависности кои сè повеќе и сè поизвртено ги минуваат границите.
Но, колку сето ова за кое што зборуваме го има во филмот и на кој начин, односно, што воопшто нуди филмот на младата Фарже која со шокантноста на сцените, како во својот претходен „Одмазда“, така и во овој филм, успева да сврти внимание на себе, но и да го употреби медиумот и веќе користените забегнувања во екстреми, што рака на срце не е нималку едноставно, особено кога треба да се вклопат во идејата, темата или пораката на филмот. Иако нивната „едноставност“ и налудничавост онаму каде што функционираат делува доста лесно, па многумина се фаќаат на стапицата и се обидуваат тоа да го повторат или искористат. Но, користењето на вакви „оригинални“ идеи не е баш такво како што изгледа, напротив, тоа бара многу големо чувство, бара вистинска цел кон која сакате да го водите филмот, бара карактери кои со нив можат да си поигруваат и финале во кое ќе биде содржано сè она што веќе претходно на свој начин сте го вклопиле во филмот. Не е доволно да си шокантен, тоа сепак, колку и да делува чудно, мора да има смисла, макар и извртена и, секако, граница. Границите се точно оние кои ја покажуваат умешноста на авторот, бидејќи тука се крие способноста и препознавањето на вистинската насока, кое не функционира кога не е дефинирано. Чудно, но вистинито.
Интересно е што Деми Мур како Елизабет Спаркл дури ја понесе и наградата „Златен глобус“ (која ја заслужува можеби најмногу за храброста), како и многу номинации за лик кој е буквално на ниво на експеримент. Впрочем, како и целиот филм. Чудни се тие масовни поддржувања на некои теми и многупати, слаби филмови, заради некоја „хистерија“ или обземеност со одредени мотиви, исто како што е чудна, но и доста вешта манипулацијата на авторот со една таква секогаш актуелна тема, што доведува до тоа лесно да заведат особено кога е во игра нашата бујна фантазија. Во филмот ништо и ја нема заокруженоста, ниту зрелоста на идејата; во него нема ни случувања, за приказна и да не зборуваме, а и зошто ни се кога веќе за таа тема сè си знаеме, нели; во него нема ни карактери, дури двојничката е буквално и дебилна во своите настапи (што не го оправдува ни свесната намера), а ниту сатиричноста која е доста присутна, но повторно неискористена. Зошто? Затоа што останува на едно незрело ниво, а гледачите не ја ни препознаваат заради повторната неопределеност, или да речеме недоследност.
Не, апсолутно не е доволно да зборувате за нешто како веќе дадено, дали е тоа судирот на генерации, дали е тоа налудничавото барање на подобрата верзија на себе, или е тоа совршенството кое карикатуралните продуценти го очекуваат, и да манипулирате со очекуваното. Невозможно е, филмот мора да ја има својата идеја и нејзината заокруженост, не замислена, не наметната, не водена од крајност до крајност, туку вистинска.
Затоа и велам дека нејзиното време ќе помине. Што ќе остане? Распламтената фантазија и одушевеност брзо ќе спласнат, особено кога нема во филмот нешто што останува. Таа зависност и потреба од славата и восхитот мора да биде опиплива, мора да здоболи, мора да допре, мора да има лик, ситуација, настан, што и да е, на кое секогаш одново ќе му се навратиме тогаш кога говориме за темата. Вака, што останува? Ништо. Да, и минливоста може да биде дел од сатирата, но не ја доживуваме, не во вистинското реално живеење, не во онаа форма која умее да предупреди, да предизвика, да уплаши, понекогаш како тага, понекогаш како смеа, но никогаш како нешто што е етерично.
Ѕвездата на патеката на славните со името на Елизабет Спаркл и нејзиното бледнеење исто така ја доловува сатирата, но не и повеќезначноста, која ја нуди во себе и која може фантастично да се искористи. И тоа се губи, односно исчезнува исто како и метафората со ѕвездата, исто како и двата лика на Елизабет и на Сју, кои се само зачнати и некаде во исцртувањето загубени. Затоа и на крај иронично, формата станува деформирана, затоа што тоа единствено и останува во одбрана на идејата. Но, не како нешто лошо или неточно, туку како нешто празно, да, деформитетот е реален, но како замисла не како последица која авторката умее, односно би требало да умее да ја донесе. А има можности во оваа тема што би можеле толку добро да влезат во срцевината на нештата (затоа и ја паметиме приказната за Доријан Греј, приказната за Норма Дезмонд во „Булеварот на самракот“…). Но овде, во недостаток на развој на идејата Фарже се губи во некои бесмислени крајности, но кои (според неа) во моментот ја пополнуваат празнината и дури и делуваат како намерни и „ефектни“. Но, за жал, не се.
Затоа и, како што реков, брзо ќе исчезнат. Исто како и целото карикирање кое е „ефектно“ (можеби) само во моментот, но тоа повторно се обидува да го покрие недостатокот на умешност да се долови она што всушност лежи во позадината. Поради тоа, овој филм кој се занимава со бесмислата на филмската индустрија, овој филм кој се занимава со потребата да се запре времето и да се избегне неизбежното, запаѓа во својата стапица. Се занимава со минливоста, наместо со траењето, се занимава со деформирањето, наместо со барањето, се занимава со бесмислата наместо со смислата. Сè во него мора да биде доведено до граница за да ја предизвика онаа замислена згрозеност, но не од суштината, туку од формата. Зависноста во својата срцевина е навистина нешто кое може да има две страни и две граници и два екстрема, но тие исто така предизвикуваат и двојни чувства, двојна емоција, која е тажна колку и смешна, која е трагична, колку и предизвикувачка, која може да потоне и да се претвори во своја спротивност, но никогаш не и да исчезне како меур од сапуница. Не, нејзините траги секогаш остануваат, вакви или онакви.