Крајот на светот може да биде и крај, но и почеток, сè зависи од перцепцијата

post-count icon
09.04.24

Loading

Рецензија за победничкиот филм во Сараево, романскиот „Три километри до крајот на светот“ во режија на Емануел Парву, сценарио: Емануел Парву и Мируна Береску, улоги: Богдан Думитраче, Лаура Василиу, Валериу Андриута, Кипријан Чујдеа, Адриан Титиени, фотографија: Силвиу Ставила, Романија 2024

Пишува: Сунчица Уневска

Романскиот филм на Емануел Парву, кој победи на 30. Сараевски филмски фестивал, едноставно беше поинаков, поинаков од сè што дотогаш видовме, поинаков во пристапот, во нарацијата, во градењето на ликовите, поинаков во погледот кон стварноста и кон предрасудите, поинаков во сè, а сепак, непретенциозен, едноставен и автентичен. Некако, „филм со сите нишани“, кој всушност, покажува како се прави филм, кој покажува дека можете да бидете оригинални и свои без никакво претерување, имитирање или претерана амбиција, особено кога имате приказна и кога знаете што сакате со неа да направите, што сакате да кажете и кому се обраќате.

„Три километри до крајот на светот“ е ода за човекот, тоа е таква приказна која на совршен начин зборува за крајностите, но не измислува, не додава, не се преправа, бидејќи и нема потреба. Животот на луѓето, средината во која се наоѓаат, сфаќањата, закоравените мислења, верувањата, стравот, љубовта, жртвувањето, се сосем доволни за филмот односно неговата приказна да долови сè што треба. Само ако тоа умеете да го раскажете, ако умеете да го препознаете, ако умеете сето тоа да го спакувате со вистинска мерка и да проговорите директно или индиректно за небулозите што произлегуват од  една таква крајно заостаната средина, од оние убедувања што ѝ робуваат на поделбата на црно и бело и никако поинаку.

А уште поинтересно е што и тука навлегува сè што е карактеристично за денешното време на овие простори, криминалот, корупцијата, лихварството, злоупотребата на „моќните позиции“, па сепак, луѓето во својата суштина се држат цврсто до своите уверувања што придонесува до тотално апсурдни ситуации. Како, на пример, таа кога е поважно дали вашето дете е педер отколку состојбата со лихварските долгови, чии камати пред очите на сите растат енормно секој божји ден. Но, без оглед на тоа колку сте измамени, без оглед што сте доведени до таква понижувачка ситуација да се плашите за својата егзистенција, па дури и за својот опстанок, без оглед што зависите од алчноста на локалните криминалци, сепак, тоа е помалку страшно од  срамот што едно такво сознание би можело да го донесе за вашето дете и за вашето семејство.

Извонреден филм. Извонреден во својата вистинитост или соголеност до коска. Што е она кое во таа средина ја носи или ја уништува среќата и достоинството? Додека таткото мислеше дека неговиот син е претепан заради долгот кон лихварот, беше многу бесен, подготвен на сè, но само до оној момент кога дозна дека синовите на лихварот не го нападнале за тоа. Не. Тие го нападнале заради „болеста“ која ја носи, заради девијацијата на која ѝ се предал, заради ѓаволот кој влегол во него, заради срамот што со тоа му го носи на целото село. Тоа е неприфатливо, кај нив досега такво нешто не се случувало, тоа е нешто заради што дури и лихварот му се извинува на таткото (жалејќи го), па ако треба и дел од долгот ќе му прости… И, што да се прави, тоа е веројатно нешто што само попот може да го реши, а ако не – тогаш родителите се подготвени да го пратат и во манастир, само за да го заштитат. Па, таму се учат вистинските работи и тоа е единственото место каде што можат да го вратат на правиот пат, нели? Не дека родителите не го сакаат своето дете, напротив, тие се подготвени на секаква жртва, само за да му помогнат.

Неверојатна е таа силина и комплексност со која е доловена оваа приказна, бидејќи во неа има уште толку многу аспекти и ликови, има уште толку ситуации некако „природно“ вклопени една во друга, исцртувајќи ја таа средина непогрешливо, со целата психологија, карактери и убедувања, со целата апсурдност која е дотолку посилна колку што е помалку нагласена. Имено, апсурдноста произлегува сама од себе, нема никаква потреба за неа да зборувате.

Би рекла дека, дефинитивно, тоа е една неверојатна школа која ги учи филмаџиите како да размислуваат, како да набљудуваат, како да ги фатат оние невидливи нишки на толку (не)логичната суштина, како да зборуваат за нив, од каде да ја црпат силата, мудроста, смислата, вистинитоста, невозможноста, од каде да навлезат во суштественото, како да го препознаат и на кој начин сето тоа да го донесат на платното, онака реалистично, автентично, речиси документарно.

Впрочем, ништо и не е посилно од сфаќањата на луѓето, ништо не е посилно од екстремите што самите си ги наметнуваме, од стравот и од срамот, за да опстоиме, за да се вклопиме, за да егзистираме, за да можеме да бидеме прифатиме онаму каде што сме. Ништо не е посилно од нашата волја, од нашите соништа, од нашите желби, ништо не е посилно од границите што сами си ги наметнуваме, за да веруваме дека сме на правиот пат и дека и нашите деца треба нив да ги следат. Како поинаку да се избориме со ламјата, со ѓаволот кој може сè да преврти наопаку, да нè посрами и да нѝ го промени животот од корен. Бидејќи, тоа не се нашите (лихварски) долгови, тоа не е нашата крајно несигурна егзистенција, тоа не е нашата понизност пред оние од кои всушност зависиме, односно, тоа не се оние господари во селото од кои очекуваме милост, не, тоа се оние наши кревки уверувања, кои се доволни за да ја видиме смислата и среќата, сè додека и ние и нашите деца сме на „правиот пат“.

Има тука уште бројни ликови, како што е брилијантно доловен ликот на шефот на полицијата, како што е доловен лихварот или мајката на детето, врз кое секако треба да се изврши егзорцизам, претставен само како молитва, во исто така фантастичната ролја на свештеникот. Па, тој е подготвен да направи сè за да им помогне, ако треба и ќе лаже, бидејќи тие се негови чеда кои единствениот спас го гледаат и го бараат од него.

Исклучителна приказна. Не дека е нешто невидено, не дека на таа тема не се правени бројни филмови, па сепак… Во неа навидум не е ништо ново, а всушност, авторот Емануел Парву успева да ѝ даде таква оригиналност, таква различност, таква структура, успева да исцрта таква ограничена средина во која сите работи попримаат поинакви размери. Тоа е филм за животот, ист, а поинаков, нешто што се подразбира, а создава нови граници, нешто што е актуелно, но овде споено со традицијата или да не речеме заостанатоста, доведува до такви ситуации со кои одушевува на неверојатно оригинален, необичен, а толку вистинит начин.

Навистина, до каде можат да одат предрасудите, до каде можат да одат небулозите, особено кога човек е моќен (мислејќи на различни видови на „моќ“) и од таа позиција е убеден дека може и сака да помогне. Но, прашање е кому, прашање е колку, бидејќи за жртвата овде и најмалку се зборува. Зошто? Затоа што нема потреба. Таа подобро и не може да биде доловена. Да не е така, да е директно, тоа лесно би се претворило во патетика која само би ѝ наштетила на силината што ја носи оваа фасцинантна приказна.

Приказна, всушност, водена од љубовта, што исто така не може поиронично да биде. Впрочем, не можете да речете, како и да е, дека овие „посветени“ родители имаа други намери. Не, тие само сакаат да си го спасат своето дете, да му помогнат, да го заштитат, па што и да мисли социјалната работничка…

Овој филм донесе нешто навистина посебно, нешто толку поразлично, толку моќно, но да не заборавиме, и толку вознемирувачко, иако толку откачено во својата суштина, што во целиот свој апсурд успева така природно да го наслика целиот универзум на човекот, и на оној кој гради, и на оној кој уништува, бидејќи правила нема. Сè зависи од перцепцијата.