Коментар: Еден е Манаки или двајца – главна „дилема“ на отворањето споредено со Халеевата комета, да се надеваме да не се повтори

post-count icon
09.22.24

Пишува: Сунчица Уневска

Синоќа во Битола се отвори 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. И, би рекол човек, кога станува збор за речиси петдецениски филмски фестивал овие луѓе сигурно знаат што значи фестивал, како се организира, што треба да се каже, на кој начин да се презентира, особено пред гостите дојдени од цел свет, нели! Но, дали е така? Што покажавме ние како домаќини синоќа на отворањето на овој толку значаен јубилеј?

Би рекла, ништо. Покажавме дека не знаеме каде се наоѓаме и немаме поим како на тој голем предизвик да одговориме. Какво беше она отворање синоќа, кое целосно беше во знакот на тоа да ѝ кажат на македонската публика што значи логото на фестивалот, односно како да го гледа логото или со други зборови, да ѝ објаснат дека не го сфатила. Не ја сфатила генијалната идеја на тие експерти, како што беше кажано на таа „мала“, бесмислена претстава на почетокот, за која не сум сигурна дали беше замислена како скеч или како не знам што, не сфатила дека тоа е таква идеја која се случува толку ретко, еднаш на не знам колку години, како Халеевата комета. А можеби и имаат право, бидејќи она што се случуваше синоќа и треба да биде како Халеевата комета и да не се повтори најмалку барем уште 70 години…

„Фестивал на филмската камера ‘Браќа Манаки’ – еден е Манаки“, вели едниот од двајцата актери, поточно Јанаки Манаки. И додава, „ова е толку генијално смислено што морам да го повторам: Фестивал на филмската камера ‘Браќа Манаки’ – еден е Манаки“. Каква „величествена идеја“, и секако, продолжи оваа нивна шарада редејќи глупост до глупост. Сироти странци, којзнае што разбраа од сето ова. Сигурно се прашуваа, што едно вакво отворање, кое сигурно не го виделе никаде, треба да значи. Така што и не беше чудно кога полската снимателка, Јоланда Дилевска, добитничка на Специјалната награда „Златна камера 300“, на крајот се заблагодари на Милтон и на Манаки, за сето тоа, се разбира, да го исправи преведувачката.

Но, глупостите тука не завршија. Директорот Мони Дамевски, кој претходно по повод овој 45-годишен јубилеј изјави дека „неговата екипа која работи веќе четврта година, работела толку фантастично во изминатите три години, што сега оваа година сето тоа експлодирало“, имаше исто така подготвено „фантастичен“ говор. Навистина, после многу фестивали морам да кажам дека ваков изум не сум видела. Сакајќи да нагласи колку важни гости имаат, тој почна да ги набројува нивните номинации и награди, и тоа како вкупен збир??? Што значи тоа? Кому од публиката тоа нешто му значи? Авторите, ако сакаш да ја привлечеш публиката се претставуваат преку нивните дела, а башка што таков пристап во однос на гостите и авторите за кои зборуваме, е буквално некултурен, ако не и понижувачки.

Има ли некој во организацијата на овој фестивал што нешто разбира? Оваа година, што одамна не се случило, салата беше полупразна, иако на телевизија гледавме главно еден кадар, како што и пред фестивалот, наместо да го гледаме црвениот килим, ја гледавме панорамата на Битола. Нејсе, глупостите продолжија, односно го достигнаа својот врв кога излезе претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој наместо да зборува за лауреатот, почна да зборува за буџетот, за тоа колку не се вложува во филмот и зошто оваа година немаме кандидат за номинација за „оскар“. Така што, доста успешно атмосферата, која и онака веќе беше даун, ја спушти уште повеќе.

Каква неверојатна ноќ. Правиш фестивал, за кој Друштвото на филмски работници буквално се „тепа“ да го задржи како своина (иако годинава дури и ги спомнаа коорганизаторите, што не го менува фактот дека мислат и се однесуваат како негови сопственици), а не знаеш со него што да правиш, не знаеш да го испочитуваш, а уште помалку да го организираш. Но, затоа, нели, како што повторуваат, ние имаме „бисер“ на кој стварно му фалеше уште Халеевата комета за да светне посилно, па да можеме потоа гаснењето полесно да го сфатиме!!!