Интервју со Али Азгари: За иранските власти и нашите лични искуства стануваат политички

post-count icon
06.03.24

Loading

Азгари е едно од најактуелните и најеминентни имиња денеска во иранската кинематографија, припадник на помладата генерација, која се чини на извонреден начин се надоврзува на најдобрата иранска филмска традиција. Азгари го покани струшкиот фестивал „Дримшорт“, кој ексклузивно организираше работилница со него

Разговара: Сунчица Уневска

Али Азгари е еден од најинтересните ирански автори од помладата генерација. Интересно е дека во текот на својот 12-годишен опус, во кој има повеќе кратки отколку долгометражни филмови, тој има освоено над двестотини награди. Неговите идеи и пристап се вистинско освежување, и уште еден доказ за виталноста и истрајноста на иранскиот филм, но и неговите особени автори, со чии дела уште од иранскиот нов бран (од втората половина на минатиот век) успеваат постојано да ја одушевуваат публиката. Со своите кратки филмови: „Повеќе од два часа“ (2013), „Бебе“ (2014) и „Тишина“ (2016) тој беше во конкуренција за „палма“ и за „лав“ во Кан и во Венеција, неговиот дебитантски долгометражен филм „Исчезнување“  (2017) беше развиен во Кан, а премиерно прикажан во Венеција, вториот „До утре“ (2022) беше на Берлинале, а најновиот „Земски стихови“ (2023) во „Извесен поглед“ во Кан.  

Краткиот филм „Тишина“ беше во конкуренција за „палма“ во Кан

Интервјуто со Али Азгари го направивме по повод неговото гостување на 7. издание на Фестивалот на кратки филмови „Дримшорт“, но поради одредени околности го оставивме како најава за нивниот следен фестивал. Секако, интервјуто со него не губи, напротив, тој е интересен, интригантен, отворен и многу инспиративен за разговор, впрочем, како и повеќето ирански автори со кои сме имале интервјуа, а чиј поглед на свет се чини останува онаков длабок, промислен и остроумен како и секогаш, бидејќи самиот начин на живот и творење во нивната земја е таков. На „Дримшорт“ Азгари одржа работилница, и мора да се каже дека тоа се скапоцени можности, што ретко кој фестивал кај нас ги овозможува, без оглед на тоа кој се и за што добива поддршка. Струшкиот фестивал од година в година, дефинитивно, покажува дека има сериозни млади луѓе кои умеат филмската и фестивалска традиција да ја продолжат на најдобар начин, негувајќи ги вистинските вредности и критериуми. За тоа е доказ и ова интервју, бидејќи стварно се ретки фестивали, освен големите, кои носат содржини што се вредни за објавување во текот на целата година.

Но, да се вратиме на Азгари и разговорот за неговите извонредни филмови и инспирација која ја црпи од својата земја, докажувајќи дека да се биде голем автор не зависи од можностите, туку од внатрешниот порив и негувањето на еден поинаков поглед на свет кој ви дава можност за отклон од секојдневието, токму онолку колку што истовремено и бунтот против него може да ве инспирира.

ФИЛМ+: Колку е тешко или „лесно“ да зборувате за реалната состојба во Иран, за судбините на луѓето на маргините, но наедно да поставувате и прашања кои влијаат и можат да ги променат нивните животи. Колку е тешко да се направи приказна која ќе допре до луѓето и иако различна, сепак, ќе ги натера да се препознаат во неа? Ми се чини дека тоа бара големо познавање на човековата природа, за да може на тој начин на филмовите да им се даде универзална нишка!

Али Азгари: Секако дека не е лесно, бидејќи живееме во земја во која сè е под контрола на владата, буквално сè, па дури и секое дејство на обичниот народ кој живее таму. Сè поголем фокус се става и на она што го работат уметниците и интелектуалците. Нам дури нѝ се потребни дозволи за секое различно ниво во текот на снимањето филм, исто како и за сценариото кое поминува низ многу степени на цензура, па можете да замислите колку е тешко да се направи филм во тие околности. А притоа да бидете реален и близок до стварноста во општеството. Што се однесува до мене, јас секогаш се обидувам да тргнам од моите лични искуства. Гледам околу себе, се трудам да се поврзам со луѓето, да ги слушнам нивните приказни и да се информирам за тоа што се случува, додека во исто време сакам да го изразам целото разбирање низ една соодветна приказна, затоа што верувам дека без вистинска приказна публиката не може да се поврзе со филмот.

Имам правено интервјуа со голем број ирански автори, и дефинитивно можам да кажам дека нивниот пристап се разликува, и тоа не само кон филмот, туку воопшто кон животот. На што се должи тоа, дали на воспитувањето и проблемите со кои секојдневно се соочува земјата, или на иранската школа? Тоа отсекогаш ме интересирало, бидејќи во разговорите со режисерите видлив е тој поинаков, длабок, суштински, прониклив однос кон луѓето, но и кон сето она со што тие секојдневно се соочуваат!

-Не е возможно да се каже толку конкретно, но мислам дека има повеќе причини, како начинот на кој растевме во општеството, така секако и системот на едукација, но, би рекол дека имаше контрасти во секоја фаза од животот. Имаше многу социјални и религиозни ограничувања кои нѝ беа наметнати уште од детството. Во школо имаме многу лекции за религијата и тие се така поставени да нè подготват за живот во општество кое се темели на религиозни и традиционални верувања, но кога ќе пораснеме се соочуваме со нешто сосем поинакво, што е спротивно од она што сме го научиле во школо – модерно и нерелигиозно општество полно со неправди. Иако, од друга страна, ние живееме во земја во која сè што ќе кажеме или направиме станува политичко. Кога одите по улица или во автобус или такси секаде се зборува за политика, и тоа не може, а да не се одрази и на нас филмаџиите.

Долгометражното деби „Исчезнување“ ја имаше својата премиера во Венеција

Интересно е дека сте биле на многу фестивали и сте добиле многу награди и тоа паралелно, како со краткометражните, така и со долгометражните филмови. Очигледно, кога човек има што да каже не е важна формата или должината, филмот сепак стигнува до публиката и успева да ја интригира! Има ли разлика во вашиот пристап?

-Вообичаено пишувам многу потенцијални идеи. Во првата фаза само ги пишувам и не се грижам за должината. Се обидувам да го запишам она што ми се чини занимливо и кога ќе одлучам да направам филм, го одбирам тоа што е најактуелно и најинтересно за периодот во кој живеам.  Има доста играни филмови кои би можеле да бидат раскажани во краток филм, но раскажани се во долгометражен и обратно. Форматот на краткометражен филм ми е интересен, во него чувствувам голема слобода, па не се грижам многу за резултатот. Во него го нема оној притисок кога има многу луѓе и пари, и можам слободно да размислувам. Но, проблем е што од снимање кратки филмови не може да се живее, па одвреме-навреме морам да се префрлам на долгометражен филм без оглед на поголемиот притисок. Секако, се трудам да уживам и да научам колку што можам повеќе.

Како е во Иран да се работат вакви филмови. Знаеме дека многу од режисерите се или во притвор или им е забрането да ја напуштат земјата, па сепак, иранските автори опстојуваат на својата мисија, низ филмот да зборуваат за апсурдите и небулозите на нашето (или нивното) време, често насочени кон жената и нејзиното место во иранското општество!

-Како што реков не е лесно, меѓутоа работата е во тоа што повеќето филмаџии кои имаат проблеми не се обидуваат да снимаат политички филмови или да ја критикуваат власта, но резултатот станува таков. Се обидувате да направите општествен филм и на крајот завршувате со тежок политички филм, за кој владата смета дека е против нив и почнува да го цензурира и да им прави проблеми на уметниците. Така е и со мене. Јас сакам да снимам филмови кои се повеќе лични и поврзани со мене и со моето семејство, кои немаат намера да бидат политички, но подоцна сето тоа им изгледа тешко и критично и го цензурираат. Ми се чини дека понекогаш и моите лични искуства, како и на другите филмаџии, за нив стануваат политички.

Каде вие ги црпите идеите, кои се вашите пораки, бидејќи освен за апсурдните закони и правила, успевате, како во „Тишина“, да ја фатите и емоцијата и онаа човечка потреба и љубов која младите луѓе ги става во, навистина, конфузни ситуации!

-Повеќето филмови доаѓаат од мојот личен живот и искуства, но тоа не значи дека ми се случиле лично мене, туку се однесуваат на моето соочување со другите, со моите сестри, внуци, со мојата мајка, со мојата фамилија. Живеев во религиозно семејство и сум видел многу борби на членовите на моето семејство. Се обидувам да зборувам со нив, како и со други луѓе, да слушнам за нивните проблеми и да видам колку ми се блиски. Гледам многу околу себе и секогаш на некој начин сум во процес на пишување. Тоа стана стил на живеење, моите разговори, соочување, набљудување, па дури и откровение. Тие се делови од мојот живот, кои се обидувам да ги раскажам и споделам со другите луѓе.

Неверојатната приказна „Бебе“ го однесе на многу фестивали, како и на „Хоризонти“ во Венеција

Едно време се решивте да живеете во Италија, па сепак, вашата тема беше и е Иран. Таа поврзаност е многу особена. Италија го даде најдоброто во времето на неореализмот, но денеска не прави такви филмови. Каде го наоѓате спојот со оваа земја, колку во неа може да се пронајдете и да го реализирате вашиот опус?

-Моите две омилени кинематографски движења се Италијанскиот неореализам и францускиот „нов бран“, кои сè уште ги сакам. Врската со Италија почна во моето детство и тоа токму со неореализмот. Како дете често ги гледав овие филмови на телевизија и бев запрепастен. Подоцна, кога пораснав ги открив пост-неореалистичките автори, како: Фелини, Антониони, Пазолини, Ферери и многу други и сè уште ги гледам. Всушност, причината зошто почнав да учам италијански, беа токму тие филмови и кога одлучив да студирам, Италија беше мојата прва опција. Таму добив многу инспирација и иако живеам во Иран, сè уште ја задржав таа врска со Италија и со италијанскиот филм и култура. 

За жал, Иран и денеска ги забранува авторите, вие и денеска барате слобода на изразување и денеска го критикувате системот, кој предизвикува болка и понижување. Каков е вашиот однос денеска кон религиските и верски прашања? Мислите ли дека ќе дојде време кога иранските филмаџии ќе бидат ослободени, особено во поглед на нивното творештво?

-Мислам да, иако постојат многу ограничувања во поглед на слободата на изразување. Она што секогаш се обидувам да го изразам низ мојот филм и во мојот живот, е обидот да се спротивставам. Тоа е она што го прават повеќето ликови во моите филмови додека се соочуваат со ограничувањата, додека се обидуваат да ги решат и истовремено да заземат свој став. Мислам дека е тешко да се замисли дека ќе снимаме филм на слободен начин, но важно е да се најдат, како во темнината, оние бедни светла по кои секогаш сакам да трагам.

Во последниот „Земски стихови“, прикажан на „Извесен поглед“ во Кан,  зборува повторно за борбата меѓу модерноста и традицијата

Ме интересира колку во Иран се почитува традицијата во кинематографијата, колку учите од вашите претходници, колку се вградени во вашата филмска историја придобивките на иранскиот нов бран. Кога ги гледаме вашите филмови се чини дека иранскиот филм има континуитет, дека младите умеат да го препознаат и видат она што е направено, дека го почитуваат, бидејќи Иран навистина имал и има големи автори!?

-Има тука многу контрасти. Повозрасната генерација се обидува да ја задржи традицијата, додека новата генерација сака да побегне од неа, што предизвика многу судири во фамилиите. Како што можете да видите во моите, а и во другите ирански филмови, секогаш постои борба меѓу модерноста и традицијата на различните генерации. По дигитализацијата во светот ова прашање стана уште појасно. Иако, во исто време помладата генерација на некој начин се обидува да ја одржи жива и древната култура, бидејќи во земјата владеат религиозни луѓе кои веруваат дека иранската древна култура била многу помодерна од она што го имаме денес. Дури и сега многу луѓе бираат древни персиски имиња за своите деца, додека базата на цела земја се темели на исламски правила, така што можете да ги видите сите тие судири и спротивности. Во мојот нов филм „Terrestrial Verses“ („Земски стихови“) се обидов да покријам некои од нив.