Семејства, односите меѓу партнерите, љубовта и нејзиното изневерување, реалноста и соништата и на оние кои очекуваат многу, но и на оние кои очекуваат малку – „само да продолжат со својот живот онаму каде што бил прекинат“ (на насловната слика Џефри Раш и Беницио дел Торо во 2022, годинава едниот е во жирито, а другиот на промотивното видео)
Наш специјален известувач
Сунчица Уневска
Како еден од најсилните филмови во главната програма на 58. Филмски фестивал во Карлови Вари се издвои (веќе спомнатиот) норвешкиот филм „Драга“. Интересен е насловот, чии преводи кажуваат многу, така преводот на англиски „Loveable“ би можел да се сфати и како сакана или симпатична, допадлива, оригиналниот, пак, на норвешки „Elskling“ значи токму драга или мила, додека Чесите филмот го преведуваат „Засекогаш“.
И, навистина, филмот е многу особен, бидејќи во него не станува збор за она на што асоцира, туку напротив, за еден сложен однос меѓу брачните партнери кој ќе ја доведе Марија (Хелга Гурен) до многу лични прекршувања и до исклучително болно осознавање.
И покрај првото лошо искуство, Марија по втор пат ќе стапи во брак со Сигмунд, во кого ќе се вљуби на прв поглед. Нивната врска е многу интензивна и страсна, така што бракот е некако неизбежен, но по некое време таа ќе се најде заглавена со четири деца, додека Сигмунд е постојано на пат. Но, не се работите толку шаблонизирани како што изгледаат, туку полека ќе дојдат до израз некои внатрешни стравови на Марија, кои дури кога ќе почнат да одат на брачно советување, ќе се открие нивната вистинска позадина.
Режисерката и сценаристка, Љиља Инголфсдотир, прави одличен филм, кој го претвора во една комплексна студија на карактери, доведувајќи ги на моменти работите до точка на вриење. Навистина е невозможно да не ве допре повреденоста на Марија, нејзината ранливост и начинот на кој се носи со болката, особено што играта на Хелга Гурен е нешто неверојатно, буквално бравурозна, игра за „оскар“.
Иако Љилја, како што самата ќе каже, сака многу повеќе од тоа преиспитувајќи ги денешните современи брачни односи и колку еднаквоста или борбата за слобода, која секој ја сфаќа на свој начин, може да влијае на сето тоа. За деби, дефинитивно, многу квалитетен, силен филм, кој останува долго потоа.
Вториот филм, кој секако мислам дека би требало да добие награда е филмот „Ксофтекс“ (Xoftex), насловен според името на грчкиот бегалски камп. Ова е можеби уште еден филм за имигрантите и за нивните приказни, но романскиот режисер и пред сè, снимател, Ноаз Деше, ќе направи нешто сосем поинакво. Да, и во неговиот филм е присутен целиот тој егзодус, присутна е онаа тага, болка и несреќа во секојдневното неизвесно исчекување за да можат својот живот да го продолжат нормално, колку што е тоа возможно.
Но, додека траат сите оние интервјуа за нивните барања за азил, додека чекаат и сонуваат за подобар живот, во кампот всушност и се случува животот, се разбира не оној посакуваниот, но тоа е оној живот, чиј исход постојано го очекувате, но од него и се плашите.
Успева Деше така да го води филмот, да ве натера да ја почувствувате целата таа неизвесност, да бидете дел од конфликтите кои се неизбежни, да ја видите немоќта и болката кога човек ќе го изгуби најскапоценото, својот идентитет и својот мир. Тука, колку и да се обидуваат жителите на кампот да се шегуваат и да прават скечеви, но и да се подготвуваат за хорор зомби филм, тоа некако успева баш и да ја исцрта онаа линија меѓу реалноста и сонот.
Во сето тоа на Деше му помага и неверојатниот сенс за фотографија, придружена со музика, но секогаш и со внатрешните емотивни конфликти, кои и кога ги гледате надреалните кадри, ја доживувате нивната продорност, нивната судбина и нивната несреќа. Направени се навистина многу филмови за мигрантите, но ова дефинитивно е еден од најдобрите, филм во кој се мешаат реалноста и надреалноста, а не можете посилно да ја почувствувате таа горчива реалност која е надвисната над сите нив.
А вчера сите со нетрпение го очекувавме јапонскиот филм на Јукихиро Моригаки, „Грубо кон љубовта“, кој ветуваше исклучително вознемирувачки портрет на една брачна заедница што се урива бескомпромисно, поради што на премиерата и се наполни големата сала во хотелот „Термал“ која собира околу 1.300 луѓе, земајќи го во обзир тоа дека многумина седеа и лежеа на под. Филмот го претставија продуцентите и 40-годишниот Моригаки, кој е роден во Хирошима, а ова е негов четврти филм.
„Грубо кон љубовта“ има малку поголема амбиција од она кога бракот едноставно за неколку години ќе се потроши и кога мажот ќе се вљуби во друга помлада жена. Не, Моригаки, кој вели дека за него жената е центар на светот, ќе направи една поинаква посвета, прикажувајќи ја потполната предаденост на жената на бракот, нејзината посветеност на неговите потреби и потребите на неговата мајка, но и некоја нејзина фантазија дека сето тоа е непроменливо и покрај знаците кои сè повеќе ги чувствува.
Интересно е дека дури и кога мажот ќе и каже дека има друга и ќе ѝ се извини, таа ќе одговори дека нема зошто да ѝ се извинува, туку да оди и да заврши со тоа.
Всушност, она што е вознемирувачко се нејзините очекувања, нејзината потреба се да биде совршено и верба дека тоа е доволно за бракот да трае и да ги надмине сите искушенија. Нејзината опсесија ќе отиде дотаму што од градење ќе премине на уништување, барајќи го загубеното, обидувајќи се да го задржи или пронајде она што недостига, обидувајќи се да го потисне во себе она што никако не може да го прифати. Филмот успева да го исцрта јапонскиот менталитет, но и да си поигра со оние филмови кои одат во екстреми, што е карактеристично за јапонската кинематографија, сепак, држејќи се до одредени граници. Има и комичност во сето тоа, иако е горчливо, па дури и застрашувачко на моменти.
Сепак, филмот е далеку од очекуваното, за еден таков портрет сепак е потребно многу поголемо искуство, а и сигурно покомплексна приказна. Вака, тој е симпатичен, гледлив, на моменти забавен, но не носи ништо подлабоко, иако самата тема го налага тоа. Но, ќе видиме како ќе оцени жирито, во кое годинава е и познатиот австралиски актер Џефри Раш, како и американската продуцентка Кристин Вачон.
Меѓу фаворитите би го спомнала и филмот од Сингапур, „Прободување“ (Pierce) за братска љубов која се наоѓа пред голем испит, уште едно деби на режисерката Нелисија Лоу, а во игра за наградите е и словачката режисерка, Ивета Грофова, со филмот за Втората светска војна „Унгарската кројачка“, кој ги полнеше салите во Карлови Вари. Тука е, секако, и форсираното чешко деби на Адам Мартинец, насловено „Нашето омилено свинско колење“, кој ги евоцира најпознатите дела од чехословачкиот нов бран, како и уште еден чешки кој зборува за распад на семејството, видено низ очите на дете, „Малите светла“ на Беата Перканова. Силна трка во која има пет жени и пет дебија, а вкупно 12 филма во трката за „Кристален глобус“, награди кои ќе ги дознаеме на 6 јули во сабота, на затворањето на кое оваа година почесна награда ќе добие и британскиот актер, Клајв Овен.