АМАЛ – Невиноста наспроти реалноста

post-count icon
08.19.24

Рецензија кон „Прошетка“ („The Walk“), режија: Тамара Котевска, сценарио: Ден Крејн, фотографија: Самир Љума и Жан Дакар, музика: Дуке Бојаџиев, монтажа: Мартин Иванов, Велика Британија/Македонија 2023

Пишува: Сунчица Уневска

Долгометражниот документарен филм „Прошетка“, чија режија ја потпишува нашата Тамара Котевска, е еден од најубавите филмови направен на тема за бегалците. И ова не е флоскула, ова не е некаква пристрасна перцепција затоа што зад него стои македонската авторка, ниту пак е некаква желба да се помогне во неговата промоција, иако и во тоа нема ништо лошо ако во филмот верувате, но, сепак, не е, ова е констатација која навистина се потпира на „факти“ и на сето она што овој филм на толку зрел начин успева да го понуди. А зошто велиме факти во навод? Затоа што кога се работи за филм, односно кога се работи за уметност не може да се зборува за факти, бидејќи тие зборуваат за податоци, за докази, за нешто што е верно и вистинито, а овде, иако ова е документарен филм кој содржи и неверојатни податоци, сепак, пристапот на младата авторка е во многу уметнички и лиричен.

И токму тоа и го прави толку добар, толку потресен, толку оригинален, толку емотивен, и толку силен да допре до секого, но овој пат на еден поинаков начин. „Прошетка“ е филм кој успева да ги разбие стереотипите за бегалците без тоа да го прави со намера или тенденциозно, не, тој само се обидува да допре до суштината, онаа суштина која многумина во светот поради сопствените предрасуди ја гледаат сосем поинаку. И знаете како, кога за нешто толку многу се зборува на одреден начин, тогаш луѓето почнуваат да го прифаќаат како вистина. Затоа и оние бројни протести низ светот, затоа и таков анимозитет, затоа и таква бесчувствителност, бидејќи бегалците не се оние со кои треба да сочувствуваме или да им помогнеме поради неправдата која им се случува. Не, бегалците се оние поради кои се чувствуваме непријатно и оние кои според многумина, навлегуваат во нивниот простор неповикани, барајќи нешто за кое немаат право…

Затоа би рекла дека „Прошетка“ е еден исклучителен филм, кој наеднаш сите нè соочува со една друга вистина, нè соочува со една друга страна, го предизвикува човечкото во нас и во оние околу нас, нè сочува со лицемерието, кое впрочем најдобро се гледа токму тогаш кога во „бегалци“ ќе се претворат некои сосема други луѓе, оние на кои треба да им помогнеме, оние за кои треба да најдеме сомилост, оние спрема кои треба да бидеме човечни и за кои, секако, треба да одвоиме простор во својот живот. Бидејќи, тоа е човечко, нели? Да му помогнеш на човек кога му е тешко или кога му се случува некоја трагедија.

Но, многумина од истите тие луѓе не гледаат на тој начин на бегалците кои најчесто доаѓаат од муслиманските земји. Некако, на овие трагедии се гледа поинаку, на овие луѓе се гледа поинаку, досега никој не направил филм за нив во кој ќе ја видиме нивната несреќа на тој начин, нивните внатрешни чувства, соништа и потреби, а особено не нивната тага за својата земја, за која сонуваат, која не сакаат да ја загубат, ниту заборават и во која секогаш повторно би се вратиле. Бегалците немаат таков лик, нивната несреќа е нешто сосем друго, нивните трагедии, дали оние кои ги поттикнале на бегство или оние кои им се случуваат додека се обидуваат за себе да најдат подобар живот, имаат поинаква цена. На нив не гледаме со хуманост, со сочувство, со емпатија, тоа е друг свет.

Но, „Прошетка“, филмот за куклата Амал (направена како конструкција од три метри), која симболично го следи патешествието на едно деветгодишното дете, бегалче од Сирија, кое пешачи по т.н. медитеранска рута на својот пат од Сирија до Манчестер, е нешто сосема друго. Не случајно оваа идеја доживеа експлозија на Пикадили и за неа се заинтересираа многу големи имиња од филмот и од театарот, бидејќи Амал е еден неверојатен лик (или многу ликови во еден), тоа е куклата која ја движат тројца папетери, но нејзиниот изглед, емоции и барање одговори се нешто што изгледа толку фасцинантно и толку живо.

Тамара Котевска во целата оваа приказна се снаоѓа совршено, додавајќи и уметнички пристап кој одушевува. Нејзиниот филм е преполн со симболи и метафори, преполн со убавина и со тага, преполн со носталгија по загубениот дом, но и со надеж во барање на нов дом, нејзиниот филм е една таква паралела која ве тера да се поистоветите  и да се замислите над сите оние бројни прашања (и предрасуди) кои се сè уште присутни кога зборуваме за бегалците низ целиот свет.

Во филмот Амал е марионета (како што се и бегалците кои одамна не одлучуваат за својата судбина), но нејзиното патешествие се одвива паралелно или е олицетворено целосно низ судбината на прекрасната деветгодишна Сиријка, Азил Еслепти, чија тага за своето детство, за своите драги луѓе и за својата земја, е толку интензивна и толку длабока, толку вистинска животна и болна. И иако навидум тоа се две паралелни приказни, тие се стопени во една, бидејќи слободата по која копнее Азил, желбата да биде разбрана и да го најде местото на кое припаѓа, а што во нејзината фантазија ги има Амал, сепак во еден момент се уриваат како кула од карти… Затоа што тоа е само привид, затоа што тоа патување е многу повеќе симболично отколку вистинито, затоа што и покрај целата желба, реалноста е нешто сосема друго…

И тоа Амал ќе го сфати тогаш кога ќе се соочи со невидливите ѕидови, тогаш кога ќе го почувствува оној балон во кој се одвива нејзиното патување, балон кој толку лесно може во само еден миг да исчезне… И токму низ тие навидум две приказни Тамара, всушност, ќе проговори за онаа безусловна вистина, за оние „патишта на очајниците“, за онаа потреба тие да бидат хуманизирани. Имено, иако тие се одвиваат на различни страни од светот, иако навидум имаат различна судбина, сепак, некаде извонредно се спојуваат, давајќи им ја онаа хумана нота која многумина не сакаат да ја видат. Бидејќи, ако ги хуманизирате треба и да ги разберете, треба да ги видите, треба да им помогнете и ако ништо друго, да им дадете шанса. Но, на бегалците така не се гледа, тие се таму некаде, затворени во кампови, покриени со ѕидини, тие се таму некаде невидливи за моќниот цивилизиран свет, каде што за нив нема место, барем не онакво какво што тие се надеваат и посакуваат да најдат. За жал, тоа се судбини кои не завршуваат тука, не, тоа се судбини кои продолжуваат, тоа се судбини кои се многу повеќе од една театарска претстава или филмска сторија.

Сонот за слободата, за припадноста, за сеќавањата, за среќните мигови, сонот за  оние мигови, за оние места и настани во кои сте биле невини, несвесни, среќни и исполнети, а кои исчезнале неповратно, се нешто за што не сме воопшто свесни, бидејќи хуманизирањето на нивните ликови ќе нè однесе на некои други патеки по кои не сакаме да чекориме. Но, жално е што интензитетот на тие прашања воопшто и не се намалува, ниту пак исчезнува, и покрај сè… А така е и со овој филм, Амал е куклата чија визија за светот, чија потреба да разбере, чија несреќа во потрагата по неповратно загубеното, останува еден сон, останува една приказна, останува надеж во подобро утре, надеж дека нештата ќе се променат и за овие луѓе, дека небулозите со кои се соочуваат нема да продолжат, барем не така како и до сега. Но, дали е така?

Прекрасна е сцената кога Амал гледа во морето и во далечините, извонредни се боите, музиката на Дуке Бојаџиев, камерата на Самир Љума и на Жан Дакар, куклата и неверојатната умешност на јужноафричките папетери, прекрасно е сето тоа да го доживеете низ такви ефектни метафори и симболи. Бидејќи, тие зборуваат за животот повеќе од самите приказни, визуелниот говор, ако е вистинскиот, не може со ништо да биде заменет, тој умее така силно да се втисне во меморијата, во потребата да се разбере, во желбата или не да се сочувствува, иако тоа е неминовно, особено кога ликовите добиваат хумани, човечки особини. Да се долови една ваква можеби и вечна, но толку актуелна тема, а да и дадете поинаков призвук, покрај сè, и освестувачки, е навистина храбро и многу зрело, а над сè покажува умешност и талент. Тамара е вистинскиот автор за оваа сторија, како и целата екипа која работи заедно со неа, зашто овој филм кога тогаш би требало да го заземе своето вистинско место, како сведоштво, како реалност, како нешто кое ја чува меморијата и сеќавањата не само за оние што трагаат по загубеното, туку и за оние кои сакаат тоа да го заборават. Исклучителен филм, чие чувство и вистинитост допрва треба да стигне онаму каде што и навистина припаѓа.