Жирито на критиката, кое по првпат беше формирано на 30. Сараевски филмски фестивал, а во кое учествуваа седум новинари и критичари од поранешните ју-републики, меѓу кои бев и јас како претставник на „ФИЛМ ПЛУС“ од Македонија, ги оценуваше филмовите во главната програма, но интересно е дека само во поглед на победникот имаше иста одлука како и жирито од филмски професионалци, предводено од Пол Шредер
Специјален известувач
Сунчица Уневска
Годинава Сараевскиот фестивал, токму во чест на својот 30-годишен јубилеј, го збогати фестивалот со многу настани и гости, а едниот од нив беше и формирање жири на критиката, кое ќе ги оценува филмовите од главната играна натпреварувачка програма. Сето тоа беше осмислено и реализирано заедно со генералниот медиумски интернет партнер на фестивалот, порталот „Кликс“ (klix.ba), кој е и најчитаниот медиум во Босна и Херцеговина. Жирито беше составено од седум члена избрани од истакнати медиуми, кои работат на просторите на поранешните ју-републики и чии поени дадени за главната програма се објавуваа во „Кликс“ секојдневно.
Жирито беше составено од: Иман Споришевиќ (Кликс, Босна и Херцеговина), Милена Зајовиќ (Вечерњи лист, Хрватска), Дамјан Ракниќ (Јутарњи лист, Хрватска), Милош Дашиќ (Данас, Србија), Марија Ратковиќ (Журнал, Србија), Сунчица Уневска (Филм Плус, Македонија) и Вероника Закоњшек (Екран, Словенија). Оценувањето односно поените што ги даваа членовите на жирито одеа од 1 до 5, па така победникот, романскиот филм „Три километри до крајот на светот“ на Емануел Парву освои најмногу или според проценти тој победи со оценка од 4,2 поени.
Беше навистина интересно да се биде дел од ова жири, бидејќи оценките беа објавувани секојдневно, дури и пред официјалната премиера, со оглед на тоа што прес-проекциите одат секогаш наутро пред вечерашната премиера на истиот филм. Така што, тоа беше вистински предизвик и за нас и за гледачите, кои со голем интерес го следеа оценувањето на филмовите од страна на критичарите.
Порталот „Кликс“ ги повика читателите уште на 25 јули да го следат оценувањето на филмовите во главната натпреварувачка програма од страна на критичарското т.н. Кликсово жири, кое ќе ги оценува секојдневно и ќе ги објавува на нивните страници во истиот ден. Тој информираше дека на Сараевскиот фестивал годинава ќе се натпреваруваат вкупно 54 филма во четири програми за „Срцето на Сараево“, а три филма ќе бидат прикажани надвор од конкуренција.
Жирито на критиката ги оценуваше филмовите во главната програма, во која беа вклучени девет филма, од кои осум беа во трка за награда, а филмот на Мирјана Карановиќ „Мајка Мара“ беше прикажана вон конкуренција, на гала премиера. Инаку, во трка беа филмови од Србија, Словенија, Грција, потоа од Украина, од Грузија, од Сомалија во копродукција со Австрија и два од Романија.
Тие ги потсетија читателите дека за истата програма одлучува и жири составено од филмски професионалци, кое го предводи култниот американски сценарист и режисер, Пол Шредер, а членови се и: актерите, Себастијан Каваца од Словенија и Нооми Рапасе од Шведска, како и режисерите, Уна Гуњак од Босна и Херцеговина и Јухо Куосманен од Финска. Но, оваа година одлуките помалку разочараа, бидејќи освен победникот, кој дефинитивно беше супериорен, во главната програма имаше и многу слаби филмови, но некако сите добија по нешто.
Особено кога станува збор за сомалискиот „Село покрај рајот“ и романскиот „Света недела“ кои добија само „утешни“ награди за улога, а заслужуваа многу повеќе, додека, исто така, одличниот грузиски „Светиот електрицитет“ не доби ништо. За сметка на тоа, доби доста слабиот, буквално недоречен и во многу промашен, грчки филм, „Аркадија“.
Кај критиката состојбата беше малку поинаква, особено што беше потребно да се оцени секој филм поединечно. Многу ми е мило што со колегите главно бевме на иста линија, освен кога се работи за српскиот „Меѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, кој зборува за мигрантите, правејќи една необична паралела односно, како што самиот вели, едно ново читање на грчката трагедија „Антигона“. Тоа е силен и доста комплексен филм, но за жал, според гласовите на критиката заврши на претпоследно место.
А како што се сложивме за најдобриот, така се сложивме и за најслабиот филм во оваа програма, грчкиот филм „Аркадија“ на Јоргос Зоис, кој доби 2,6 поени, но „Меѓу боговите“, иако со мала разлика од другите, сепак, заврши на претпоследно место со 3,1 поен.
Веднаш зад победникот, сосем со право, се најде вториот романски филм „Света недела“ на Андреи Кон, чие дејство е поместено на почетокот на 19 век (а за кој веќе пишував), кој доби 3,8 поени. Третото место го делеа грузискиот „Светиот електрицитет“ на Тато Котетишвили, една сосем откачена идеја за тоа како зарѓаните крстови да се продаваат како неонски распетија и сомалискиот „Село покрај рајот“ на Мо Хараве, исклучителен топол, силен, филм за семејството и поврзаноста кој толку добро умее да ги помири различностите, кои добија по 3,7 поени.
Со 3,3 поени заврши словенечкиот „Семејна терапија“ на Соња Просенц, кој се обидува да го имитира мајсторот, шведскиот виртуоз Рубен Естлунд, се разбира многу неуспешно, многу претенциозно и безидејно, што дури мислам дека доби и поголема оценка од онаа која ја заслужува, а по него со 3,2 е исто така, слабиот украински филм „Редакција“ на Роман Бондарчук, кој како и претходниот, сакајќи да го критикува системот, всушност, ќе натрпа во него сè живо и диво, и на крајот нема поента.
Така што, мислам дека српскиот дефинитивно требаше да биде пред нив, но тоа е. Тој доби 3,1, но секој поен се брои. Впрочем не е лесно, бидејќи секој има свое мислење, па сепак, гледајќи во просек, мислам дека критичарите дадоа доста добри и реални оценки, не правејќи компромиси. Што и не е ново, така е и на другите фестивали (затоа авторите малку и се плашат од критиката), бидејќи сепак, влогот на главното жири е далеку поголем, па и секогаш неговите членови, и се разбира, одлуки, се пред уште поголем предизвик.