Агенцијата за филм, како што нѝ изјавија, ќе има штанд на познатиот Европски филмски маркет, каде ќе ги претстави најновите случувања во домашната кинематографија
Пишува: Сунчица Уневска
„Учеството на ‘Berlinale Talents’ е важен и значаен чекор во мојата професионална кариера. По неколку аплицирања, конечно добив шанса да бидам дел од оваа платформа. Со оглед на програмата, верувам дека ме очекуваат интензивни, но и инспиративни денови. Темата на годинешниот фестивал, ‘Слушај храбро’, е особено значајна за работилниците кои што ќе ги води Жан-Луј Родриго, каде ќе имаме можност да го истражуваме телото, гласот и нивната врска со околината преку примената на ‘Техниката на Александар’, координација на дишење и координација во простор.
Фестивалите секогаш претставувале исчекор во мојот професионален развој. На „Сараево талентс“ запознав колеги со кои и денес соработувам. Во Словенија, пак, на платформата „ReActing as a star’ ја запознав мојата агентка од Србија. Со нетрпение очекувам да видам што ќе ми донесе овој фестивал“, изјавува Тамара Ристовска.
Имено, како што веќе се знае, нашата млада актерка Тамара Ристовска, која ја паметиме од серијата „Фамилијата Марковски“ и од филмот „Мими“ на Даријан Пејовски, но и од многу други улоги, успеа да влезе на 23. издание на „Берлинале талентс“, каде што конкуренцијата е навистина голема. Оваа година имаше дури 3.836 пријави, од кои жирито одбра 201 учесник од 62 земји. Во рамките на нивната опсежна програма се вклучени и 14 јавни предавања со меѓународни познати гости, меѓу кои се и претседателот на жирито: Том Хејнс, како и мексиканскиот автор, Мишел Франко, кој влијаеше на мексиканското кино и уште многу други.
Со темата „Слушајте храбро – кинематографски наративи во време на противречности“ оваа платформа ја повикува и пошироката публика и ѝ ветува возбудлива програма, со оглед на тоа што овие предавања се јавни и интерактивни, ставајќи ја уметноста на слушањето во фокусот и настојувајќи да ја поттикне разновидноста, како и разбирањето и толеранцијата.
Навистина е извонредно што Тамара Ристовска годинава ќе биде дел од оваа програма, која во текот на 23 години постојано расте и навистина нуди извонредни можности и има фантастични резултати. Така, годинава од „Берлинале талентс“ потсетуваат дека нивните учесници повторно оставаат трага. Имено, 129 од поранешните таленти учествуваат во дури 77 филма што се дел од годинешната програма на фестивалот, а 11 од нив се вклучени во 4 филма во натпреварувачката програма, што е извонреден резултат.
И само да потсетиме дека Тамара Ристовска, покрај „Фамилијата Марковски“ и „Мими“, ја гледавме и во: „Проблемот на Тина“ на Радован Петровиќ, „Обид за среќна приказна“ и „Обичната Ели“ на Лавинија Софрониевска, потоа во серијата „Тин-камп“ на Марко Ѓоковиќ, како и во „Синиот час“ на Ана Јакимска, а моментално во постпродукција се повеќе филмови во кои игра во соседните земји, како и филмот „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска. Инаку, Ристовска е и член на агенцијата за таленти „Slavic Artist Management“, која претставува актери од поранешна Југославија и Балканот.
Таа има учествувано и на повеќе фестивали, а исто така има работено и на неколку претстави во МНТ, во Драмски и во други алтермнативни и независни продукции. А она што е најново и што ја чека по учеството на „Талент кампус“ во Берлин, е новиот долгометражен српски филм „Раката на правдата“ на Немања Ќераниќ и Небојша Пајкиќ, во кој ја игра главната улога на Аргентинката Глада и тоа во делот што ќе се снима наредниов период во Буенос Аирес. Дејствието на филмот е сместено десетина години по Втората светска војна и има многу интересна приказна.
Инаку, што се однесува до нашата презентација годинава на Берлинале, Ристовска е единствениот официјален претставник. Агенцијата за филм, како што известуваат од таму, ќе има штанд на Европскиот филмски маркет каде што ќе ја претстави поновата македонска кинематографија и ќе се обиде да оствари копродукциски соработки, но за тоа подоцна, од самиот фестивал, кога ќе имаме поконкретни информации.