Оваа 97. трка за „оскарите“ дефинитивно ќе биде нетипична, година кога нема главни фаворити, кога тежиштето некако се подели и во преден план излегоа филмови кои ја немаат поддршката на големите студија. Не дека нема форсирања, но сепак, ова е година кога не зависи сè од бројот на номинации, туку од квалитетот, од жестината, од отпорот и бунтовноста, од приказни кои буквално ѝ пркосат на индустријата
Пишува: Сунчица Уневска
Годинешната трка за „оскарите“ ќе се води помеѓу повоената епска приказна „Бруталист“ и нетипичниот мјузикл кој влегува во светот на наркобосовите, „Емилија Перез“. Но, овој пат, на 97. оскаровска трка (која се доближува ни помалку ни повеќе до цел еден век постоење), не е доволно тоа да се каже, бидејќи главната трка може да се води и помеѓу политичкиот трилер „Конклава“, во кој на многу интригантен начин се бира новиот папа и музичката драма „Потполно непознат“, посветена на почетоците на еден од најголемите поети помеѓу музичарите, Боб Дилан. Исто како што главната трка во многу можат да ја обележат и големото годинешно изненадување, победникот од Кан, „Анора“, комедија која на моменти поприма контури на сатира и бразилскиот „Сè уште сум тука“, драма која зборува за политичкиот отпор под бразилската воена диктатура. А да не заборавиме дека во трката за најдобар филм (во која се десет наслови) се и доста форсираните, „Супстанца“ и фантастичниот мјузикл „Злобница“, како и „Дина: втор дел“ и уште едно изненадување, „Момчиња од никел“.
Со други зборови, ова дефинитивно ќе биде нетипична година, кога нема главни фаворити, и покрај форсирањата на некои филмови, кога нема еден голем хит што ќе ги засени другите, кога нема филмови што се очекува да соберат најголем дел од наградите, туку некако тежиштето се подели и во преден план излегоа филмови кои се сметаа за споредни и кои ја немаат поддршката на големите студија. Не дека и другпат не биле во трка независни филмски остварувања, но ретко шансите им биле подеднакви со големите фаворити што доминираат на киноблагајните. Годинава не е така. Имено, иако најголема гледаност имаат „Злобница“ и „Дина“, тие ни оддалеку не се фаворитите за главните награди. А меѓу фаворитите има многу „непознати“ филмови кои беа критичарски фаворити и кои сè повеќе годинешната трка ја прават неизвесна и се наметнуваат со својата смелост и инвентивност. Така што, ова е година кога не зависи сè од бројот на номинации, туку од квалитетот, од жестината, од отпорот и бунтовноста, од приказни кои буквално ѝ пркосат на индустријата.
Токму затоа, годинешната трка е многу поинаква и „оскарите“ кои се пред импресивна бројка на одржување, ги тера на некое преиспитување. Годинава нема да биде доволно да се дадат неколку награди и да се задоволат критиките и забелешките упатени кон системот на номинирање и изборот на гласачкото тело, не, оваа година тој систем ќе биде на многу поголемо искушение. Бидејќи, ако оскарите ја имаат таа неприкосновена репутација во светот – како најважни награди во филмската индустрија, во целата оваа ситуација со шумските пожари која се наметна пред оскарите, некако како очекувањата да станаа поголеми и поригидни. На нив, секако, треба да се одговори, а како, ако не со вистинскиот избор.
Со други зборови, ако оскарите покрај целата катаклизма што ја предизвикаа пожарите во кои загинаа 28 луѓе и имаше огромна материјална штета, мора да се одржат поради економското влијание на Лос Анџелес и како симбол на отпорот, ако мора да се одржат за да ја славиме работата што нè обединува како глобална филмска заедница и за да им оддадеме признание на оние кои толку храбро се бореа со огнените стихии, тогаш така треба и да биде. Особено што ова е многу плодна година, и покрај штрајковите, и покрај големата невработеност и успорувањето на целото филмско производство, кое сè уште не е опоравено ниту од последиците на ковидот, па сепак, во однос на филмовите, ова е една од поуспешните години за Холивуд. Така што, од оскарите годинава навистина се очекува многу токму поради симболиката, која сега стана далеку поголема.
Во таа смисла се чини дека овој навидум шаренолик избор некако целосно како да одговара, затоа што не ги следи вообичаените истапкани шеми, барем не целосно, обидувајќи се да насети и навести и некои нови. Тргнувајќи од француско-мексиканскиот мјузикл „Емилија Перез“, кој го потпишува францускиот режисер Жак Одијар, а целосно се одвива во Мексико, кој доби 13 номинации, но кога го гледате немате никакво чувство на исфорсираност. Напротив, филмот плени со својата инвентивност, со идејата, со своите музички и кореографски точки, плени со целиот неверојатен спој, кој сепак совршено функционира. Главните актерки, Зое Салдана и Карла Софија Гаскоњ, која наедно е и првата трансродна актерка номинирана за „Оскар“, сосема ги залужуваат своите номинации. Тука се и песните што одушевуваат со своите текстови, иако ова и не е типичен мјузикл, бидејќи во него и не доминира играта, а необично е дека некои од нив ги пишува и самиот Одијар. Овој филм во Кан ја доби и наградата за целиот актерски ансамбл, што навистина ја заслужува, а исто така, заслужува да биде и само четвртиот филм во историјата кој понесе 13 номинации, покрај „Форест Гамп“, „Мери Попинс“ и „Дружината на прстенот“.
По 10 номинации, што е доста чудно како споредба, добија два сосем различни филма. Првиот, фантастичниот мјузикл „Злобница“ на Џон М. Чу, кој е инспириран од музиката што е своевидна адаптација на книгата и филмот „Волшебникот од Оз“, на кого сигурно местото не му е тука, но се чини дека Америка упорно инсистира на овие сладникави музички претстави, со цел веројатно да направи некаков баланс???
Додека вториот, „Бруталист“ е нешто сосем спротивно, една тешка епска историска драма, која се осврнува на холокаустот и на горчливото искуство во остварување на американскиот сон. „Бруталист“ следи голем временски период и преку архитектурата и уметноста на суров начин зборува за судбините на неговите протагонисти, за што во Венеција го доби „Сребрениот лав“ и наградата на критиката, „Фипресци“. А освои и три „Златни глобуси“, што всушност режисерот Брејди Корбет и актерот Адриен Броди ги направи фаворити во оскаровската трка. Инаку, филмот има три номинации за улоги, покрај Броди, тука се и Фелисити Џонс и Гај Пирс.
Од една страна, многу необична трка, од друга страна, трка која носи силен предизвик, особено кога во неа со по осум номинации се вклучуваат и политичката драма со примеси на трилер, британскиот „Конклава“ на Едвард Бергер, како и американската музичка биографска драма „Потполно непознат“ на миленикот на студијата, Џејмс Манголд, посветена на Боб Дилан. Тоа се два сосем различни филма, по сè, но најважно и по квалитет. „Конклава“ дефинитивно отскокнува, тоа е исклучително воден филм, кој не случајно доби 12 номинации за „Бафта“, а шест номинации за „Златен глобус“, каде што беше награден само за своето сценарио. Награда која, секако, ја заслужува, но заслужува и многу повеќе, но во трката за „Оскар“ тој воопшто нема номинација за режија. Досега се чини и неправедно што Ралф Фајнс не понесе повеќе награди туку само номинации, бидејќи во улогата на кардиналот Лоренс брилира. Апсолутно не би можела да го споредам со Тимоти Шаламе, кој толку видливо се труди да го имитира Боб Дилан, а не би можела да ги споредам ни филмовите. „Потполно непознат“ е еден обид да се долови духот и моќта на зборовите на Боб Дилан, но иако тој имаше вонсериски талент, ова е просечен филм, што на моменти делува дури и несмасно. Но, тој е сепак американски херој, нели??
Доста исфорсиран е и филмот „Супстанца“ на Корали Фарже, кој на Деми Мур веќе и донесе повеќе признанија, но далеку е од она што е замислено да биде. Изненадувањата годинава доаѓаат со канскиот победник, независниот американски филм „Анора“ на Шон Бејкер, кого го нарекуваат „артхаус маверик“, исклучително забавен, но и неверојатно силен филм, кој на моменти делува како сатира, и бразилскиот „Сè уште сум тука“ на познатиот режисер Волтер Сејлс, кој е на свој терен со бразилската воена диктатура и извонредниот лик на Фернанда Торес. Таа веќе победи на „Златните глобуси“, а сега ги исфрли од трка и толку најавуваните: Анџелина Џоли, Никол Кидман и Памела Андерсон.
Како и да е, годинава за најдобар актер сигурно ќе се борат Ралф Фајнс, Адриен Броди и Тимоти Шаламе, додека за најдобра актерка, покрај Деми Мур и трансродната Карла Софија Гаскоњ, во трка се и далеку позаслужните Фернанда Торес и Мики Медисон од филмот „Анора“.
Зое Салдана, Изабела Роселини и Фелисити Џонс се во трка за споредна улога, а кај мажите таа ќе се води меѓу Киеран Калкин за „Вистинска болка“, кој веќе доби „Златен глобус“ и Гај Пирс за „Бруталист“, иако тука е и доста безличниот Едвард Нортон од филмот „Потполно непознат“ и одличниот руски актер, Јура Борисов, од „Анора“.
Секако, за нас е интересно дека од регионот во конкуренција за „Оскар“ влезе и хрватскиот краток игран филм „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ, што веќе ја понесе „Златната палма“. Тоа е одлично направен филм, кој успева да најде еден сосем поинаков агол и во него извонредна, иако мала улога, но сепак носечка, има Горан Богдан. Секако, му држиме палци.
Оваа година е интересно и дека два странски филма имаат по две номинации за најдобар филм. Се сеќавате дека првиот кој, после многуте критики за Американската академија, ги понесе двете награди, беше корејскиот „Паразит“. Е, сега веќе ѕидот е пробиен, па дури и номинациите би биле доволни… Имено, по две номинации за најдобар филм имаат „Емилија Перез“ и „Сè уште сум тука“.
Се очекува интересна конкуренција, иако годинава поради состојбата многу работи се откажани, меѓу кои и изведбата на номинираните песни. Но, како знак на отпор и прослава на глобалниот свет во кој живееме, оскаровската 97. манифестација ќе се одржи на 2 март во Долби театарот, а за првпат нејзин водител ќе биде Конан О’Браен, поранешен водител на ток-шоу, кој сега ја гради кариерата со толку актуелните поткасти. Додека, преносот како и до сега ќе биде на ABC.
Best picture
Best actor
Best actress
Best supporting actress
Best supporting actor
Best director
Best adapted screenplay
Best original screenplay
Best original song
Best original score
Best international feature
Best animated feature
Best documentary feature
Best costume design
Best make-up and hairstyling
Best production design
Best sound
Best film editing
Best cinematography
Best visual effects
Best live action short