Годинешниот 47. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола ќе се памети по неколку филмови, во кои сите елементи беа добро ускладени, а особено тоа се однесува на полско-германскиот филм „Татковина“ на Павел Павликовски, кој ја освои главната награда „Златна камера 300“ за фотографијата на Лукаш Жал, кому сосем оправдано му припадна ова признание
Наш специјален известувач
Душко Димитровски

Во современата светска кинематографија навистина се ретки филмовите во кои може да се каже дека сите елементи се добро ускладени. Во тие филмови вредни за внимание првенствено, секако, се: основната идеја која е преточена во добро сценарио, потоа одлични, инспиративни и исклучително вдахновени носители на главните улоги, монтажата, ритамот на дејствието и над сѐ, добрата камера.
Таков е новиот црно-бел филм на реномираниот полски автор, Павел Павликовски, кој во Кан оваа година ја доби „Палмата“ за најдобра режија. Во Битола на овој филм му припадна највисокото признание за неговата фотографија, фантастично доловена низ камерата на полскиот снимател, Лукаш Жал.

Режисерот Павел Павликовски, познат и по своите филмови „Ида“, „Студена војна“ и др., во филмот „Татковина“ претставува една турбулентна, драматична ситуација во повоена Германија, речиси непосредно по завршувањето на големата Хитлерова воена катаклизма. Имено, во 1949-та година, првпат по своето бегство пред нацистите во Соединетите американски држави, добитникот на Нобеловата награда за книжевност, реномираниот германски писател, Томас Ман (кого одлично го игра Ханс Зихлер), заедно со својата ќерка Ерика (повторно маестрална Сандра Хелер), ја посетува својата татковина, која ја затекнува во страшни урнатини.
Како вистински антифашист и патриот, Томас Ман, е среќен што Германија, иако со големи човечки и материјални загуби, успеала да се ослободи од оковите на нацизмот, но истовремено е и тажен поради тешката општествена ситуација, што го дочекува… Снимателот Лукаш Жал, кој е буквално виртуоз на филмската камера, успева во исклучително впечатиливата црно-бела техника, со добро ускладување на документарниот материјал и играната форма, заедно со, се разбира, креативната режија на Павел Павликовски, да оствари такво комплексно визуелно дело, кое се врежува во сеќавањето.

Посебно впечатлив беше и филмот „На крајот на денот“ на младата српска режисерка Јелена Максимовиќ, кој својата премиера ја имаше во програмата „Хоризонти“ во Венеција. Станува збор за студентските демонстрации во Србија, односно за двајца млади луѓе кои сакаат општествени промени, но се наоѓаат на различните страни на барикадите. На директорот на фотографија на овој филм, Паул Шпенгеман од Германија, му припадна „Бронзената камера 300“ за неговата експресивна фотографија и одлично доловена атмосфера на згуснат колор. Филмот е направен како копродукција меѓу: Србија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и Германија.

Фестивалот беше свечено отворен со македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на младата режисерка, Дина Дума, емотивна, но не и мелодраматична сага за една мајка и нејзините две малолетни ќерки. Фокусот е на проблемите со кои тие се судираат и на размислувањето на младите, кое секогаш е надвор од рамките, иако тие како Роми чувствуваат дека не можат да бидат рамноправни со своите сограѓани. Во овој филм истакнато место му припаѓа и на снимателот Фредерик Ноирхом за неговата одлична камера.

Годинава, по доделувањето на наградите, фестивалот беше и затворен со македонски филм. Станува збор за филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ во режија на Срѓан Јаничиевиќ, а со фотографија потпишана од Дејан Димески. Но, за жал, овој филм не беше вреден за некое посебно внимание на гледачите. Окарактеризиран од неговиот автор како современ политички трилер, направен целосно во голем фуриозен ритам, тој речиси и не успева на гледачот да му укаже на основната тема, за која, всушност, би требало и да зборува.
На 47. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ Наградата за особен придонес кон светската филмска уметност, специјалната „Златна камера 300“ му беше доделена на виртуозниот американски снимател, Џеф Кроненвет, додека „Златна камера 300“ за животно дело доби данскиот фимски снимателски ветеран, Дан Лаустсен.
НАГРАДИ НА 47. БРАЌА МАНАКИ
„Златна камера 300“ на Лукаш Жал за „Татковина“
„Сребрена камера 300“ на Жонгјанг Лианг за „Непозната девојка“
„Бронзена камера 300“ на Паул Шпенгеман за „До крајот на денот“
„Кристална камера 300“ за студентски филм на Милда Јуодвалките за „Зад ридот на Наполеоновата капа“
Мала „Златна камера 300“ Хулијан Амару Естрада за „Никој не го познава светот“
„Железна камера 300“ за документарен филм на Бенџамин Ечазарета за „Кракатауа“ и
Максим Катари за „Убавината на магарето“