Карлови Вари: „Кристален глобус“ за ‘сликарката Вилхелмина Барнс’, а за „Драга“ вкупно пет награди

post-count icon
07.08.24

Loading

58. Фестивал во Карлови Вари, Чешка, заврши величествено. Наградите некако беа очекувани, фестивалот откри нови млади таленти, посетеноста беше рекордна, а главните ѕвезди беа: Виго Мортенсен, Даниел Брул и Клајв Овен

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

Со спектакуларна церемонија, каква што само Филмскиот фестивал во Карлови Вари знае да направи, на 6 јули беше затворено годинешното 58. доста успешно издание на фестивалот. Зошто велиме доста успешно? Затоа што на фестивалот беа прикажани 177 филма од кои дури 168 беа претставени лично од нивните автори и продуценти. Беа продадени над 127 илјади карти, но и издадени речиси 9 илјади фестивалски пропусници. Бројот на новинари што го следи фестивалот се искачи на 535, а дури 33 филма ги имаа своите светски премиери. Тоа е навистина неверојатен скор, плус ако се додадат специјалните гости кои годинава ги добија и почесните награди, а меѓу кои беа: американскиот актер и режисер, Виго Мортенсен, германскиот актер Даниел Брул, како и британскиот актер Клајв Овен, кој сè повеќе игра во Холивуд, но и легендарниот чешки актер, Иван Тројан, кој доби награда за својот придонес кон чешката кинематографија…

Се разбира, ова е само мал дел од бројките, но да се вратиме ние на наградите и на затворањето, кое е сè, само не класично. Имено, Карлови Вари никогаш не бил како сите други, па такви се и сите негови придружни елементи, поинакви, откачени, забавни и полни со хумор. Но, секако, славејќи ја многу сериозно филмската уметност.

А тао, секако, е приоритетно. Оваа година наградите некако и не беа изненадување, бидејќи мислењето на критиката во многу се согласуваше со мислењето на жирито, па дури и со мислењето на т.н. нестатутарни жирија. Главната награда отиде во рацете на најуметничкиот филм од сите, „Ненадеен поглед на подлабоките нешта“, кој ја слави уметноста и животот и кој, што исто беше ретко во главната програма, го потпишува ирскиот ветеран (главно учесниците беа помлади), односно познатиот документарист Марк Казенс. Тој својот филм овој пат и го посвети на една од најважните жени на британската модерна уметност, Вилхелмина Барнс Греам и на легендарното патување на една модернистичка група уметници во 1949 година на врвот на леденикот Гринделвалд во Швајцарија.

И, тоа е она кое целосно ќе го трансформира нејзиниот живот, односно нејзината уметност, поминувајќи го остатокот од животот во барањето во своите слики на тие облици и бои, барањето на суштината на живеењето. Наратор во филмот е Тилда Свинтон. А инаку, оваа награда е и парична, и носи 25 илјади долари.

Што се однесува, пак, до втората награда односно Специјалната награда на жирито, во кое годинава беше и големиот австралиски актер Џефри Раш, која му припадна на норвешкиот филм „Драга“ на Лилја Инголфсдотир, некако се чини дека сите се согласија дека тоа е најдобриот филм на фестивалот. Прво, затоа што доби дури пет награди, две на официјалното жири и три на нестатутарните жирија (кои се исто така многу ценети), потоа затоа што доби доста добри критики, но и затоа што улогата која ја одигра Хелга Гурен и која и го донесе „Кристалниот глобус“ е навистина нешто што е во самиот врв на актерската игра.

Имено, овој филм покрај Специјалната награда на жирито, која му донесе и 15 илјади долари, го доби и „Глобусот“ за најдобра женска улога, но и наградата на меѓународната филмска критика „Фипресци“, потоа наградата „Europa Cinemas Label“ која ја поддржува неговата промоција и дистрибуција во европските кина, како и наградата на Екуменското жири, која ги вреднува уметничките квалитети, но и човечките вредности.

За филмот со оригинален наслов „Elskling“ веќе пишувавме. Тоа е еден тежок, но прекрасен филм за љубовта, за барањето себеси, за успесите и неуспесите кои ве тераат да се осознаете себеси, но и да научите да живеете со тоа. Колку и да е тешко. Се чини дека тоа е веќе виден филм, една тема толку пати обработувана, но во тоа и е вредноста, да умеете во една таква тема да најдете поинаков агол кој ќе умее да допре до гледачот на разорен, но вистински начин, не оставајќи го а да не влезе во вителот на самоиспитувањето. Извонредно, каква што е и главната актерка, Хелга Гурен, која се чини е и најзаслужна за тоа соголување до коска.

А во стилот на она што фестивалот го промовира, се чини и наградата за режија дека е полн погодок, бидејќи со наградувањето на дебитантката Нелисија Лоу од Сингапур за нејзиниот филм „Прободува“ (Pierce), фестивалот всушност ја открива оваа режисерка, која досега има направено неколку кратки филмови кои беа претставени на над 70-тина фестивали. Инспирацијата за „Прободува“ таа ја црпи и од своето искуство, бидејќи како помлада ја претставувала земјата во мечување. Филмот, кој го прави како психолошки трилер, во фокусот го има мечувањето, но и односот меѓу двајца браќа, кој ќе се најде пред големо искушение. За Нелисија Лоу, Карлови Вари беше вистинскиот погодок, а се чини допрва ќе биде и нејзината отскочна даска.

Наградата за најдобра машка улога отиде во Холандија, и тоа за двајцата актери, Тон Кас и Гвидо Полеманс, кои ги играат таткото и синот во филмот „Трите дена на рибата“ на Петер Хогендорн. Ова е втор филм на Хогендорн, првиот му беше прикажан во Венеција, а во „Трите дена на рибата“ имаме уште една симпатична семејна приказна, која несомнено допира до сите.

Додека, филмот „Ксофтекс“ за кој веќе пишувавме и го издвоивме како еден од фаворитите, заради своето оригинално и толку автентично прикажување на животот во еден бегалски камп во Грција, го доби Специјалното признание на жирито. Романскиот режисер Ноаз Деше, кој е снимател, а потоа и режисер, ќе успее оваа толку реална и болна тема така добро да ја долови визуелно. „Ксофтекс“ е силен и болен филм, кој успева да ја тргне бариерата кон другиот и кој успева да ве натера во неа да влезете и да погледнете низ очите на другиот.

Сосема заслужено, филм кој никако не можеше да биде прескокнат. Но, секако тука е и форсираниот чешки филм, дебито на Адам Мартинец кој низ „Нашето омилено свинско колење“ зборува за менталитетот, но и за она што го одбележува филмот уште од чехословачкиот нов бран па сè до денес.

Во втората компетитивна програма „Проксима“ наградата, повторно сосем заслужено, ја доби кинескиот автор, Зенгфан Јанг, за својот филм „Странец“, во кој се чини уште еднаш авторот тргнува од она што најдобро го знае, а тоа е она што е лично проживеано. Тој живее и во Чикаго, па така што за него и Чикаго и Кина се земји во кои е странец. Тоа и ќе го направи низ седум епизоди во филмот, сместени во различни хотелски соби во кои најдобро зборува за осаменоста и идентитетот, најдобро зборува за она чувство кога никаде не сте дома, најдобро знае што значи да се биде странец и колку сите ние дел од нас оставаме таму каде што престојуваме, а за тоа воопшто и не сме свесни.

Наградата, пак на жирито во „Проксима“ отиде кај уште еден дебитант, Паоло Тизон од Перу. Неговиот филм „Ноќта дојде“ беше исклучително тежок за гледање, бидејќи зборува за најпредизвикувачката воена обука во Латинска Америка, која ја става на испит машкоста на нејзините протагонисти и која зборува за кршливоста и бруталноста на директен начин, без никакво заобиколување, што навистина го прави вознемирувачки. Со други зборови, иако гледачите знаеја да ја напуштат салата, зборува за смелоста и автентичноста, но и ризикот да се направи еден ваков филм кој умее да ја одбие публиката, но не значи дека не е реален и вистински.

И уште само да кажеме, дека ако отворањето беше целосно во знакот на Виго Мортенсен, тогаш почесен гостин на затворањето беше британскиот актер Клајв Овен, во чија чест се прикажа филмот „Поблиску“ на Мајк Николс. И Овен ја доби Наградата на претседателот, притоа многу отворено зборувајќи за своите сиромашни корени и за тоа колку е важно за младите да има места како што се тие младински театри каде што ќе можат да се изразат, да се најдат себеси, но и да сфатат дека можат да бидат што сакаат. Клајв Овен е едноставен човек, кој вели дека за него воопшто добивањето некаков статус не било цел, туку тој и понатаму ги сака добрите улоги, го сака предизвикот, ги сака искушенијата, и понатаму сака да се бара низ различните улоги и низ истражувањето во себе да бара секогаш нови и поинакви интерпретации.