Бидете љубезни со вашите деца, не знаете во каков документарец може да завршите

post-count icon
07.04.24

Loading

Овој наслов нека биде најава токму за најнетипичниот европски филмски фестивал во Карлови Вари, кои ги надминува сите граници на очекувањата. Оваа година 58. фестивал ја слави 30-годишнината од неговото спасување, бидејќи бил пред замирање. Кога ќе го видите денес, не можете да поверувате, бидејќи тоа е еден од најживите фестивали, кој пулсира во неверојатен ритам

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

Не постои друг фестивал каков што е филмскиот фестивал во Карлови Вари. Тоа е навистина еден редок спој на вистински филмски фестивал со сите атрибути, со двестотини филмови, со добра селекција, со одлична организација и со многу ѕвезди и гости; па сепак тука е и оној неконвенционален дел кој го полни овој бајковит град со младите студенти од цела Европа, кои се чини кампираат овде за цело време на фестивалот, давајќи му една хипиевска атмосфера; а тука некако природно е и спојот со сето она што е карактеристично за овој бањски град, со термалните води и нивната извонредна фантазија да направат карактеристични шољички за правилно пиење на водата, кои буквално никој не може да ги одмине, тука се и карловарските наполитанки или оплатки, за кои се чекаат редици и тука е и нивниот карактеристичен пијалок бехеровка, кој е исто така своевидно обележје на градот.

Навистина нешто феноменално, овде сте на забава и постојана журка, која трае за цело време на фестивалот, овде сте опкружени со млади кои впиваат буквално сè и за сè се чекаат редици, дали се тоа филмови, дали се тоа свирки, гости, настани, храна, настапи, се седи на земја насекаде (во паркови, по ходиниците на хотелот каде се одржува фестивалот, во новите простори кои секоја година се додаваат), се ужива во сè максимално. Па, сепак, имате и сериозен фестивал, но и сериозно негување на културата, меѓу што се и фестивалските весници, која веќе кај нас стана мисловен поим. Фантастично е колку тие навистина имаат извонреден однос кон културата и кон сето она кое е вредно да се види и слушне, да се научи, некако свесно колку сето тоа облагородува, но и го проширува видикот. Едноставно, тоа е поинакво чувство, чувство кое прави да уживате и да ги чувствувате тие вистински вредности, како и својата припадност. Бидејќи едно со друго се неразделни.  

Уживање е навистина сè, кога ќе видите како младите, но и повозрасните седат долу пред киносалите со саати, особено ако не нашле карти и се надеваат дека со своите акредитации, сепак, ќе влезат ако по влегување на тие со карти има место за седење или за лежење на земја, како и да е. Така беше дури и вчера, што навистина ме изненади, кога на проекцијата во хотелот „Пуп“ (каде што е снимен Џемс Бонд) на еден од навистина извонредните филмови годинава, норвешкиот „Loveable“ („Драга“) на Лилја Инголфсдотир, уште во 10 часот наутро имаше огромна редица на луѓе кои се надеваат дека ќе влезат. Така е во киносалите, но така е и насекаде, само што ќе тргнете во прошетка наидувате на многу новини кои навистина ве одушевуваат. Оваа година во паркот близу до хотелот „Термал“, каде што се одржува фестивалот, беа ставени многу интересни столици, оние за полулежење, на кои пишува – „кафето ќе ве седне“, а во тек беше т.н. пикник со класици и нормално вриеше од млади додека настапуваа двајца оперски пејачи. Само малку понатаму имате млади момчиња кои поставиле простирка на земја и ги покажуваат своите способности со оној веќе заборавен брејкденс и измамуваат аплаузи од минувачите. Во исто време пред хотелот на големиот телевизор одат цело време комедии, (инаку, Чесите се познати по својот хумор) кои се слушаат на цел глас и секако сите се испоседнати долу, ако во моментот немаат попаметна работа и уживаат во настапите. И што уште не, буквално би можела цел текст на тоа да го посветам.

This image has an empty alt attribute; its file name is Loveable.jpg

Но, да се вратиме на она што беше обележје на годинешниот 58. фестивал уште на самиот старт. Имено, организаторите оваа година ја славеа 30-годишнината од спасувањето на фестивалот. Звучи неверојатно, нели, но е вистинито. Имено, пред 30 години оваа манифестација била речиси замрена, и тогаш претседателот Јиржи Бартошка и уметничката директорка Ева Заоралова се нафаќаат и успеваат да го спасат, па тие и до денес се заштитни знаци на фестивалот, иако за жал Заоралова прерано почина. По тој повод фестивалот годинава започна со избор на џинглови, ѕвезди и фотографии кои го илустрираат целиот овој период од 1994 година односно цели 30 години. Меѓудругите, тие добиле поддршка од: Џони Деп, Мајкл Даглас, Макс фон Сидов, Роберт Редфорд, па дури и Медлин Олбрајт, како и Вацлав Хавел, па Џон Траволта, Рене Зелвегер, Вупи Голдберг, Грегори Пек, Дени де Вито и уште многу други. На сето тоа Јиржи Бартошка, кои добиваше неколку пати стоечки овации, ќе рече: „Човек ќе сфати колку остарел и колку целата екипа зад нас вложила во сето тоа, но исто така се покажа и дека не се сите државни одлуки мудри“. Оваа година тој и неговиот соработник, Марк Ебен, воведниот говор не го одржаа на сцената, туку од затемнетото гледалиште седнати помеѓу публиката, бидејќи впрочем во нив е најголемата и најважната поддршка.

Инаку, секоја година фестивалот прави и специјален саундтрак во кој една од ѕвездите и поранешни добитници на почесниот „Кристален глобус“ го најавуваат на свој начин фестивалот. Неговата премиера, се разбира, одеше на отворањето, а нејзин јунак годинава е Беницио дел Торо, кој пред две години доби „Кристален глобус“. Во овој црно-бел саундтрак на Дел Торо му е преку глава од патувања, од триста компромиси, од советите да прави вака или онака, да им се смешка на луѓе кои не ги познава, да се смее на нивните глупи вицови, да се прилагоди и да биде невидлив. Конечно, сè му е преку глава и вели: „доста е, нека одат во ѓавола, што е многу многу е“ и седнува и јаде карловарски оплатки. Освен неговиот најнов саундтрак, како за потсетување беа пуштени и видеата со Морган Фримен, со Џони Деп и Џуд Ло.

Веќе пишувавме дека отворањето беше целосно во знакот на американскиот актер, Виго Мортенсен, познатиот Арагорн од „Господарот на прстените“, чиј негов втор филм што го потпишува како режисер, „Мртвите не повредуваат“, го отвори фестивалот. Тој со своето неконвенционално и бунтовничко однесување некако совршено се вклопи во отворањето. Уште надвор кога пристигна на црвениот килим воопшто не се однесуваше како ѕвезда, туку влезе меѓу публиката и обожавателите кои стоеја отстрана и долго им даваше автограми. Тој рече дека ова е негов втор филм како режисер, затоа што не сакал да прави компромиси, туку сакал конечната верзија да биде негова. На заедничката средба со сите, на која беше направен негов портрет, рече дека во неговиот вестерн има силен женски лик, што не е карактеристично за класичните вестерни, но дека тој со тоа и оддал почест на својата мајка.

На крајот на овој нетипичен извештај, каков што е впрочем и самиот фестивал, ќе завршиме со еден интересен совет на долгогодишниот водител на фестивалот. Имено, на почетокот на проекциите се рекламира и филмот односно документарецот за една голема чешка актерка, Ива Јанжурова, чиј портрет многу искрено и без задршка го прави нејзината ќерка. На тоа водителот вели: „Бидете љубезни со вашите деца, не знаете утре во каков документарец може да завршите“. И тоа нека биде ем оној типичен чешки хумор, ем прекрасниот огномет што ви ја разгорува душата и го осветлува градот, кој овие денови пулсира во неверојатен ритам.